Анастасија Ристеска и Тамара Џерков се двете студентки од Архитектонски факултет кои го освоија второто место на јавниот повик за решение за прототип велосипедски паркинг што го објави Центарот за иновации на Град Скопје. Нивниот проект е иновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.
Двете пријателки и колешки од факултет за конкурсот се информирале преку Фејсбук група и решиле да аплицираат. Како што велат, откако останале дома поради карантинот, имале повеќе слободно време да се вложат во активности настрана од факултетот.
„Со добра комуникација сè е возможно. Се поделивме со обврските и секојдневно се консултиравме за активностите поврзани со проектот. Максимално ги користевме сите ресурси, Word, Notepad, Google dosc, Skype, Facebook итн. Прв пат се сретнавме во Скопје, три часа пред да биде презентацијата“, велат студентките за Мета.мк.
Џерков вели дека младите треба да аплицираат на вакви јавни повици бидејќи најмногу вреди поради искуство, идеите и самото чувство на задоволство откако ќе дадеш сè од себе за сработеното. Во процесот на креирање најмногу научиле од соработката со другите.
„Преку тимската работа учиш и ти од другиот, но и тој од тебе. Таква ни е професијата. Клучно е да се слушнат коментари, критики, различни бранши, стручни лица, но и од секој обичен граѓанин. Колку и да ни носи задоволството сопствената креација, наша задача како идни архитекти е да интервенираме во сегменти што му се потребни на корисникот“, согласни се студентките.
За целосна изработка на проектот им бил потребен еден месец, а во процесот, како што велат, најмногу размислувале како ќе се однесуваат луѓето во однос на поставените елементи, но и за тоа што ќе се случува со паркингот во иднина. Иако веќе познатиот Амстердам, но и примерите во Дубаи им биле појдовна инспирација, сепак пред да се одлучат за конкретната идеја, сакале да креираат нешто што ќе може да се примени во Скопје.
„Сакавме она што ќе го креираме да биде практично, едноставно и притоа да изгледа естетски убаво. Во главно, размислувавме во насока да биде функционално. Нешто што ќе функционира за овие услови тука“, појаснуваат студентките.
Со нивниот проект предвидени се обновливи извори на енергија, зеленило во форма на жардињера, простор за поставување реклами, можност велосипедот да се заклучува на повеќе места, заштита од временски услови, простор за социјализација и одмор. Како што велат, најмногу се гордеат на сегментот – соларни панели, нешто што веќе го има и се користи во Европа, но не и кај нас.
„На пример, јас кога се враќам од Прилеп често пати ми се случува да имам потреба да го наполнам телефонот. Со нашата идеја, на клупата има и полнач, кој може да им користи на сите оние што чекаат на автобуската станица“, вели Ристеска.
Најмногу време во креацијата посветиле за тоа како да не се крадат или оштетат велосипедите.
„Појдовна точка ни беше анкетата која што ја направивме на социјалните мрежи. Голем дел од нив одговорија дека им се потребни повеќе од еден синџир при заклучување на велосипедот. Па така, најмногу се фокусиравме на тоа. Нашата идеја е велосипедот да се заклучи за предното тркало, но и за самиот скелет, со што се нуди поголема заштита“, појаснуваат тие.
Корисно во овој проект е тоа што е компактибилен и за други локации бидејќи лесно може да се адаптира на други површини.
„Важен сегмет на кој обрнавме внимание е локацијата од која сакавме да извлечеме максимум, односно да е осветлено и пристапно“, додава Ристеска.
За Скопје велат дека му недостига инфраструктура, а тоа го забележале од своето искуство при возење велосипед низ главниот град. Најмногу им пречат паркираните коли, контејнерите, самите велосипедски патеки што се поставени пред автобуските станици каде се создава гужва и слично. Двете се согласни дека за идеално велосипедско Скопје треба многу повеќе да се инвестира со функционални мерки, како поврзување на сите точки со велосипедски патеки во Скопје.
Во моментов студираат трета година на Архитектонскиот факултет и како што велат, нивните аспирации се да заминат на магистратура во странство, каде и би го започнале своето работно искуство.
„Добар е и почетокот дома, но за жал другите држави имаат повеќе можности. Архитектурата е многу повеќе развиена и многу од материјалите што се достапни таму, ги немаме тука. Затоа ако си доволно добар, секаде ќе те бива, но важно е дали си амбициозен и за колкав ризик си спремен“, заклучуваат студентките.