Скопје, 22 јуни 2020 (МИА) – Дигиталниот форум одржа состанок на кој беше претставена Уредбата за доделување ваучери на млади лица до 29 години за обуки за дигитални вештини. Ова независно тело е надлежно за селекција на правните лица кои ќе се пријават, како и обуките што ќе се понудат.
-Со членовите на форумот разговаравме за следните чекори за пријавување и селекција на правните лица кои ќе нудат обуки, за критериумите и кои се потребите на пазарот на трудот, напиша министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски во објава на својот профил на Фејсбук.
Манчевски потенцира дека целта е на младите да им се понуди листа на обучувачи и на релевантни обуки од кои тие понатаму ќе можат да избираат.
-Само преку квалитетни програми за дигитални вештини ќе продуцираме кадар конкурентен на пазарот, вели Манчевски.
Предвидено е да се финансираат обуки за од најосновни до напредни дигитални вештини. Вкупниот буџет е во износ од 150 милиони денари.
Во Дигиталниот форум членуваат претставници на универзитетите со ИКТ студии, четирите стопански комори, ИКТ експерти и двајца претставници на институциите. лв/са/