Скопје, 7 март 2020 (МИА) – Двајцата нови дијагностицирани пациенти позитивни на коронавирус се сопружници од село во близина на Дебар коишто во нашата земја пристигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари. Нивната состојба е стабилна, имаат лесна клиничка слика, лесна форма на горно респираторна инфекција, односно на грип. Во земјава допатувале со автобус со уште 40 патници, кои се идентификувани и ќе им бидат направени проверки.
Состојбата пак на пациентка која е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и чии резултати се покажаа како позитивни на вирусот на 26 февруари, е стабилна.
-Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, истиот ќе биде повторен по 48 часа, соопштија вчера од Министерството.
Владата по вчерашната седница излезе со препорака до 13 март да се ограничат јавните настани со гости од странство, да нема поголеми јавни собири, а спортските натпревари да се играат одржуваат без публика.
Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со коронавирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.
Со помош на мобилните оператори, како што информира министерот Филипче, сите странци кои доаѓаат во државава добиваат тестуална СМС порака во која стои дека доколку почувствуваат за време на престојот некакви симпотоми слични на грип треба да се јават на телефонот на Институтот за јавно здравје. Тоа, како што додаде, е една дополнителна мерка со информации како на флаерот кој странците го добиваат или го сликаат на граничните премини.
И покрај новите два случаи позитивни на коронавирусот, според Филипче, нема простор ниту препорака да се преземат нови дополнителни мерки од оние што веќе се преземаат.
Тој го повтори апелот граѓаните да се придржуваат до мерката за одржување лична хигиена, темелно миење и дезинфекција на рацете, а воедно информираше дека дистрибуцијата на дезинфекциски средства низ училиштата веќе е почната.
Во врска со групата од 20-тина туристи од Сингапур и од Јапонија што преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир требаше да пристигне во нашата земја, Филипче информира дека сите се во Скопје, оти биле интервјуирани и им биле земени детални анамнестички податоци.
-Поминати се повеќе денови од нивниот престој во Букурешт. Не постоеше ниту една индикација за да се преземе нешто во смисла на забрана. Сите се здрави и на сите им е направено интервју од страна на локалниот епидемиолог, рече министерот за здравство. дма/лв/