Советот за безбедност на ОН ги повика Ерменија и Азербејџан веднаш да ги запрат непријателствата, рече нигерискиот претставник во ОН, Абду Абари, кој е претседател на Советот за месец септември, пренесува ТАСС.
„Членовите на Советот за безбедност изразија поддршка за повикот на генералниот секретар двете страни веднаш да престанат со борбите, да ги деескалираат тензиите и без одлагање да им се вратат на значајните преговори“, рече тој.
Абари рече дека е можен состанок со учество на Ерменија и Азербејџан.
„Членовите на Советот за безбедност силно ја осудуваат употребата на сила и жалат за загубата на животи и цената што ја плаќа цивилното население“, додаде тој.
Ситуацијата во Нагорно-Карабах ескалираше на 27 септември, кога Азербејџан објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија.
Ереван, од своја страна, тврди дека вооружените сили на Азербејџан започнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт. Двете страни пријавија жртви, вклучително и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.