Утрински Весник
Економија

Сместувачките угостителски објекти и хотелите од понеделник работат по специјални протоколи

Сместувачките угостителски објекти и хотелите од понеделник работат по специјални протоколи

Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Од понеделник 22 јуни ќе почнат со работа хотелите и другите угостителски објекти за сместување туристи. Тоа е овозможено со Протоколот што го усвои Владата на синоќешната 69-та седница, кој ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на КОВИД-19.

Согласно Протоколот, предвидено е задолжително носење  заштитна маска за гостите и вработените, како и да има дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата, како и пулт за дезинфекција на раце во холот, а на влезот на хотелот да биде поставена табла со разбрирлив текст за чекорите и препораките што треба да се почитуваат за време на престојот во објектот (носење заштитна маска и дезинфекција на раце).

Предвидено е и плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата. Служењето храна на шведска маса не е дозволено, како ни послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

На рецепцијата во хотелите, каде што пултот не е доволно широк да обезбеди потребно растојание (1,5-2 м), во делот каде ќе оперира рецепционерот, да биде поставена монтажна преграда (шалтер) издработена од прозирна пластика или стакло, која во долниот дел има отворен простор само за манипулирање со клуч и документи. Таа може да биде заменета со дополнително носење на визир од страна на рецепционерот.

Гостите треба да пристапуваат до рецепцијата поединечно или во број којшто, во зависност од големината и распоредот на просторијата, оневозможува средби и којшто овозможува достатно меѓусебно растојание, а за тие што чекаат, треба да се воведат подни патокази или столпчиња за ограничување на приодот. Давателите на услуги треба да ги отстранат предметите што ги допираат повеќе гости, на пр. играчки, списанија.

Гостинот заедно со клучот добива флаер со совети за заштита и протокол за неговиот престој дефиниран од внатрешен тим на хотелот.  Давателот на услуги нуди единечни или двојни соби со прилагодувања, а во сместувачките капацитети со повеќе кревети може сместување само гости од едно домаќинство, коишто ќе го докажат тоа при пријавувањето. Текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот се отстрануваат (перници, ленти, украсни прекривки…).

Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува средство за дезинфекција на рацете, а за секојдневно одржување на хигиената на јавните простории и собите се употребува средство кое делува на вируси. Персоналот мора да стави посебен нагласок на чистење и дезинфекција на предмети што ги допираат голем број раце (на пр. ограда на скали, прекинувачи, рачки, дршки, куки, копчиња во лифт).
Просториите треба редовно да се проветруваат.

Во случај на повеќедневно престојување на гостинот во сместувачкиот капацитет возможно е дневно чистење од страна на персоналот само доколку гостинот изречно посака. При чистење на повеќе сместувачки капацитети, мора да се води грижа да не се пренесе вирусот од еден сместувачки капацитет на друг преку заразена облека или заштитната опрема на персоналот. Се препорачува да се приспособат постапките на чистење така што би се спречило такво пренесување (на пр. употреба на заштитна облека/скутници за една употреба, промена на заштитната облека секој пат, итн.).

Плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата.

Предвидењни се и повеќе ресторански процедури како дезинфицирање на масата и столовите пред секој оброк и по завршување, масите да се прекриени со хартиени или најлонски чаршаф за еднократна употреба или ако се користат стандардни чарашави тие да се перат после секој послужен гостин, масите да не се претходно сервирани (доколку објектот има услови да постави средство за дезинфекција на секоја маса – доколку не гостите ќе можат да го користат средството за дезинфекција кое ќе биде поставено на влезот од ресторанот според препораките на СЗО). Каранфинглата и приборот кој претходно се дезинфицирани на масите се поставуваат по седнувањето на гостите, приборот да биде послужен во најлонска обвивка или во салфетка.

Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце. Келнерот е должен да води максимална грижа за својата хигиена со маска на лицето ги послужува гостите со внимавање на растојанието, но факт е дека келнерот не може да служи храна и пијалок од 2 метра растојание, затоа келнерот треба да одлучи колкаво е пристојното растојание што може да го одржи при послужување. После послужувањето келнерот стои на соодветно растојание и чека да биде повикан од гостите. Растојанието меѓу столчињата од соседните маси да биде од 1,5-2 метра. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица.

Сите апарати за точење  пијалок (вода, чај, кафе, сок и сл.) да се отстранат од употреба и пијалоците да се послужуваат по желба на гостите при послужувањето на масата. Се забранува користењето на заеднички отворени садови при сервирање на кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќери, чаеви и слично, кои се споделуваат на повеќе од една маса.

Предвидено е и редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциски средства. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба. На влезната врата од санитарните јазли  треба да има известување за задолжителна дезинфекција на рацете пред и после употреба.

Задолжително е носење маска при користење на заедничките санитарни јазли каде треба да се инсталира средство за дезинфекција пред влезната врата, да се обезбеди проток без застој на чекање во внатрешни тесни холови и потребната физичка дистанца со поставување ознаки, со цел да се намали ризикот од голем број на лица во санитарните јазли во исто време..

Санитарните јазли задолжително се опремени со течен сапун, топла вода, корпа за отпадоци со капак на ножна педала и хартиени бришачи за раце за еднократна употреба како и диспанзер со средства за дезинфекција за раце, на база на 70% алкохол или препорачано вируцидно средство за дезинфекција.
Чистење и дезинфекција на санитарните јазли, подови и сите нивни површини, неколку пати во текот на денот (најмалку на секој час) со употреба на средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. Корпи со капак на ножна педала кои се внатрешно поставени со пластични ќеси, за собирање на отпадоци од користени маски и ракавици, видно означени и поставени на повеќе места во внатрешноста и на терасите, за отстранување на користени маски, ракавици и сл.

На гостите во сместувачкиот капацитет согласно Протоколот им се препорачува доследно следење на упатствата од персоналот во врска со обезбедување соодветно меѓусебно растојание, складирање на багаж и гардероба, начинот на давање услуги, употреба на опрема, користење на тоалети, плаќање на услуги.

Треба да се ограничат големи собири, со доследно следење на начелата за соодветно меѓусебно растојание. Внатре, покрај одржувањето на соодветно меѓусебно растојание за време на епидемија, употребата на маска за лице или други облици на заштита што ги покриваат устата и носот (шал, крпа или слични облици на заштита) е исто така задолжителна. Доследна грижа за хигиената на рацете, со миење со сапун и вода или дезинфекција по допир на какви било нечисти површини.

При случај на симптоми со КОВИД-19 се препорачува доколку вработен во објектот заболи од акутна респираторна инфекција да остане дома и да се јави на матичниот лекар, како и да го извести својот претпоставен за својата здравствена состојба. Доколку е позитивен на КОВИД-19, го известува претпоставениот кој го веднаш известува регионалниот центар за јавно здравје за појавата на КОВИД-19 меѓу вработените.

Доколку гостин заболи со треска или знаци на акутна респираторна инфекција, давателот на услуги треба да се јави во дежурната служба на најблискиот здравствен дом. Гостинот треба да чека во изолација. Нека носи маска. Да употребува само одредени тоалети и мијалници. Епидемиолошката служба што ќе го добие извештајот за потврден случај спроведува епидемиолошка истрага, идентификува блиски контакти и предлага мерки за нив. Просториите каде што се движел заболениот гостин од КОВИД-19 темелно се чистат и дезинфицираат. Исто така, просториите темелно се проветруваат. вј/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година