„Скопје филм фестивал“ (СФФ) во рамките на својата годинешна програма ја одбележува и стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер Славко Јаневски (Скопје, 11.1.1920 – 20.1.2000).
По тој повод во рамките на СФФ во летното кино „Мирно лето“ во 21 часот ќе биде прикажан неговиот краткометражен игран филм „Давид, Голијат и петел“. Оваа програма се реализира заедно со Кинотеката на Северна Македонија и во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Славко Јаневски е раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Еден од основачите на современата македонска книжевност и автор на првиот роман на стандарден македонски јазик, „Село зад седумте јасени“ (1952). Бил уредник и на првиот весник за деца „Пионер“, потоа главен уредник на списанието за деца „Титовче“, на списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, на литературниот весник „Хоризонт“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работи како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“. Автор е на книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија.
Јаневски е сценарист на 6 долгометражни играни филма. Добитник е на две „Златни арени“ за сценарио, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974) на филмскиот фестивал во Пула. Член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. Добитник е на наградите и признанијата АВНОЈ (1968); „11 Октомври“; на Струшките вечери на поезијата (СВП); „13 Ноември“, награда на Градот Скопје; Рациново признание и наградата „Мирослав Крлежа“.
ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ
Македонија, 1960, 21 минута
Режија и сценарио: Славко Јаневски, улоги: Кирил Ќортошев, Димитрие Бужаровски
Скитникот е гладен, а детето има петел. За да ја оствари својата цел, да се најаде, скитникот му го зема петелот на детето. Но, поради тагата на детето, скитникот се премислува и детето е повторно со својот пријател. „И доброто и злото му се вродени на човекот, а ти суди што повеќе му лежи“ (од ненапишаните Голијатови псалми).
Можеби е интересно да се напомене дека детето во филмот го игра Димитрие Бужаровски, подоцна познат композитор и професор на Факултетот за музички уметности. другите членови од креативниот тим на овој краток игран филм се: директор на фотографија: Киро Билбиловски; монтажа: Драгомир Панков; директор на филм: Благоја Ангеловски; музика: Властимир Николовски; сценографија: Диме Шумка; тон: Јордан Јаневски.
Програма на СФФ за вторник (15 септември)
19 часот ЕМА (2019)
Режија: Pablo Larraín, Chile 102 минути
21 часот ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ/DAVID, GOLIATH AND A ROOSTER (1960)
Режија: Slavko Janevski, Macedonia, 21 min.
21.20 h А БРОДОТ ПЛОВИ/AND THE SHIP SAILS (1983)
Режија: Federico Fellini Italy/France, 128 минути
Сите проекции се бесплатни.