Утрински Весник
Македонија

„Скопска“ да носи поволности и да се плаќаат други услуги во градот, јавниот превоз со тоа ќе привлече патници

„Скопска“ да носи поволности и да се плаќаат други услуги во градот, јавниот превоз со тоа ќе привлече патници

Електронскиот систем за наплата на билети и картичката „Скопска“ во скопскиот јавен превоз беше воспоставен во 2015 година и од тогаш до денес нема никакви измени во неговото функционирање, со исклучок на променетиот дизајн на картичките. За разлика од Скопје, околните главни градови од регионов воведоа многу поволности и нови услуги со ваквите картички за граѓаните, кои допринесуваат за зголемување на бројот на патници во јавниот превоз.

Во Љубљана, единствената градска картичка „Урбана“ се користи од граѓаните не само за плаќање на билети во јавниот превоз, туку и за изнајмување на велосипеди преку системот „Бицикељ“, плаќање на паркинг билети на паркинзите со кои управува јавното градско претпријатие и за користење на услугите на Градската библиотека во Љубљана. Со картичката „Урбана“ во иднина е предвидено да се користат и услугите на музеите, како и за плаќање на карти за културните и спортските настани што се одржуваат во словенечкиот главен град.

Во функција на привлекување на што е можно повеќе граѓани да го користат јавниот превоз, во Белград системот за наплата на карти и управување со возилата од јавниот превоз „Бус плус“ има формирано програма за лојалност, со која картичката за превоз може да им послужи на граѓаните да добијат попусти низ продажни центри во српскиот главен град. Патниците од белградскиот јавен превоз со картичката „Бус плус“ имаат попусти во супермаркети, осигурителни компании и други продавници, со што индиректно се стимулираат граѓаните да го користат јавниот превоз.

За разлика од Белград и Љубљана, македонскиот главен град нема ниту еден стимул за граѓаните што би ги замислил да го користат повеќе јавниот превоз во своите патувања низ Скопје. Колку за потсетување, бројот на патници во градско-приградскиот превоз во Скопје постепено опаѓа од 2014 година до денес, за во 2020 година поради ковид-19 пандемијата да доживее огромно намалување на превезените патници од 30 милиони во споредба со 2019 година.

И покрај тоа што беа контактирани со прашања, Градот Скопје и ЈСП-Скопје засега не доставија одговори во однос на натамошниот развој на електронскиот систем за наплата на билети и картичката „Скопска“.

Јавниот превоз во Скопје бележи континуирано намалување на бројот на патници низ годините; Фото: Бојан Блажевски

Експертите што ги консултираше „Мета.мк“ велат дека на Скопје му е потребна единствена градска картичка, со која граѓаните би можеле да ги плаќаат сите услуги што ги нудат институциите под капата на Град Скопје. Надоградбата на картичката „Скопска“ преку можност за нејзино поврзување за плаќање на други услуги, а не само билети во автобусите на ЈСП-Скопје и приватните превозници, е можна, со хардверска и софтверска надоградба на системот по теркот на „Урбана“ во Љубљана.

Градот Скопје може да воспостави и сосема нов систем со друга картичка, но за да се преземе љубљанскиот модел на функционирање најголема инвестиција би била инсталацијата на голем број автомати низ Скопје, на кои би се вршела трансакцијата на средства на самата картичка.

Воедно, мобилните апликации за плаќање преку телефон треба да се користат и во скопскиот јавен превоз, но употребата на мобилниот уред треба да се надогради со NFC технологија, каде бесконтактното плаќање и валидирање на билетот ќе биде многу побрзо во однос на постојното значително време на трансакција што им е потребно на патниците пред валидаторите во градските автобуси.

Картичката „Скопска“ и електронскиот систем за наплата на билети во иднина треба да им овозможи на граѓаните трансакција на средства на оваа картичка преку интернет, додека реалниот пренос на средства на картичката да се врши преку автомати. На тој начин, ќе се надмине постојниот модел за надополнување на картичката на билетарите на ЈСП и по продажни центри низ Скопје, велат ИТ експертите.

Тие додаваат дека доколку се сака, постојниот електронски систем за наплата на билети во Скопје може да се надогради во период не подолг од една година, по што картичката „Скопска“ би функционирала по теркот на единствената градска картичка „Урбана“ во Љубљана.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

СДСМ ќе го одржи 30-тиот конгрес

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?