Утрински Весник
Култура

Синдикатите со опомена пред тужба до Министерството за култура поради непочитување на Колективниот договор

Колективниот договор во културата почнува да се применува од овој месец

Репрезентативните синдикати во културата, СКРМ и СОНК, испратија опомена пред тужба до Министерството за култура, поради прекршување на одредбите за плата од колективниот договор потпишан на 30 декември минатата година.

„Имено со член 130, одредбите за плата од членови 65 и 66 требаше да стапат на сила најдоцна до 1 јули, а според член 63 платата се исплатува најдоцна до 10-ти во месецот. Иако по состанокот во Владата на 6 јули, Министерството за култура на својата веб-страна објави дека ќе ги почитува одредбите и дури испрати и допис до институциите со налог за пресметка на платите согласно колективниот договор, сепак до ден денешен платата не е исплатена во институциите од културата“, велат синдикатите во допис до медиумите.

Оттука потсетуваат дека со член 131 од Колективниот договор за култура повеќе не важат одредбите за плата од досегашните колективни договори на ниво на установи така што не постои ниту една друга опција за законска исплата на платите во културата освен во согласност со гранскиот Колективен договор.

Велат дека членството на нивните синдикати одамна го изгубило трпението и повеќе не верува во способноста на Министерството за култура да ги почитува нивните работнички права.

„Речиси 20 години Министерството ги манипулира вработените, ги гази нивните права и тивко ја убива културата. Во 2020 година, во време на светска пандемија, Министерството за култура, јасно го покажа своето вистинско лице и наместо како сервис на јавниот интерес во културата се покажа како негов гробар. Речиси 70 отсто од програмата на институциите не е реализирана поради тоа што Министерството не подготви протоколи ниту стратегија за функционирање. Уметниците и стручните лица се целосно блокирани во својата работа и своето творештво. Библиотеките, театрите, филхармонијата и НОБ се куќи на духови, а голем дел од музеите и центрите за конзервација едвај функционираат. Културата е речиси мртва и сега последниот удар доаѓа со непочитување на правата на вработените и прекршување на Колективниот договор“, велат синдикатите.

Тие го опоменуваат Министерството за култура дека доколку не го почитува договорот и најдоцна до 25 август не ги исплатат јулските плати, ќе почнат колективен судски спор согласно Законот за работните односи. Исто така, ги опоменуваат сите директори на институциите во културата дека доколку ги прекршат одредбите за плата од колективниот договор, исто така  против нив ќе поведат индивидуални судски спорови. Синдикатите порачаа дека најдоброто решение е Министерството за култура да се вразуми и да не ја изложува државата на дополнителни трошоци во време на сериозна закана од економска криза.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“