Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Вработените во компаниите што работат со храна, а не се чувствуваат добро или имаат симптоми на коронавирус, не треба да одат на работа, препорачуваат од Светската здравствена организација и Организација за земјоделство и храна во Водичот за КОВИД 19 и безбедност на храната наменет за компаниите.
Препораката на СЗО и ФАО е вработените во прехранбената индустрија без оглед на нивната здравствена состојба, да практикуваат лична хигиена и да користат заштитна опрема како маски и ракавици.
– Ова е императив затоа што ако заразениот работник управува со храна, можно е тој да го пренесе вирусот во храната со која работи или да го пренесе на површините за преработка на храна со кашлање и кивање или преку контакт со рака. Утврдено е дека некои лица кои се уште не покажуваат симптоми, се заразени и способни за ширење на вирусот, е наведено во Водичот.
Во него се посочени и останатите препораки како миење на рацете, употреба на средства за дезинфекција, чистење на работните површини и избегнување на близок контакт.
Од СЗО и ФАО нагласуваат дека иако е малку веројатно дека луѓето може да се заболат со коронавирусот од храна, сепак имајќи предвид дека тој може да се шири преку капките од кашлање или кивање кои на површините се задржуваат подолго време, потребни се мерки за заштита во прехранбената индустрија.
– Досега нема докази за вируси кои предизвикуваат респираторни заболувања да се пренесуваат преку храна или нејзиното пакување. Коронавирусите не можат да се размножуваат во храната, им треба домаќин, животниски или човечки организам за да се размножуваат, пишува во Водичот од СЗО и ФАО што на македонски јазик го преведе Институтот за јавно здравје. бак/скс/