23 Април 2020
Њујорк Тајмс
Има најмалку една жртва на коронавирусoт за која никој нема да плаче, а тоа е грипот што годишно одзема стотици илјади животи низ целиот свет и е присутен во Европа оваа година, но во помала мерка поради мерките за борба против Ковид-19.
Грипот во северната хемисфера обично е интензивен од октомври до средината на мај, а во некои сезони усмртува повеќе луѓе отколку Ковид-19, и покрај фактот што постои вакцина за него.
Во зимата 2017/2018 година, грипот усмрти 152.000 луѓе во Европа. До денес, околу 110.000 луѓе ги загубија животите од Ковид-19 на стариот континент, но во пократки интервали.
„Сезоната на грип оваа година заврши порано од вообичаеното, најверојатно поради спроведувањето на мерките против ширење на САРС-КоВ-2, како што се физичко одржување дистанца и носење заштитни маски“, вели Холгер Рабенау, виролог во Универзитетската болница во Франкфурт.
Таквиот исход е добредојден, но падот на болеста може да го забави успехот во подготовката на вакцини за следната сезона на грип.
Лабораториите се натрупани со истражување за Ковид-19 и имаат помалку примероци за грип, што значи „тие можеби немаат целосна слика за вирусот на грип што циркулираше минатата сезона“, вели Пасин Пентинен, специјалист за грип во Европскиот центар за превенција и контрола болести (ECDC).
Недостаток на податоци и одложувања во нивната обработка може да влијаат на квалитетот на вакцините за сезоната на грип во 2021 година на јужната хемисфера. Составот на вакцината обично се одлучува во септември врз основа на примероци собрани на почетокот на годината.
„Ова може да биде проблем“, смета Пентинен, бидејќи помалку информации за можни мутации оваа година ги намалуваат шансите за собирање на најефикасната вакцина против грип за следната година.
-Тој проблем веројатно нема да влијае на вакцината на северната хемисфера следната зима, бидејќи нејзиниот состав беше договорен во февруари, вели Пентитнен.
Одлуките за составот на вакцините се сфаќаат сериозно затоа што се потребни месеци за да се произведат милиони дози вакцини потребни секоја година.
Недоволно известување?
Податоци за смртните случаи поврзани со грип се уште не се достапни, но раните проценки покажуваат дека стапката на смртност е многу помала.
Само 4.000 пациенти со грип имаат потреба од интензивна нега оваа сезона, според податоците од 11 европски земји, што е околу половина од бројот за истиот период претходните години.
Данска, која воведе строги мерки за домашна изолација на почетокот на март, имаше само мал процент на смртни случаи од грип, што вообичаено чини околу 1.000 животи во таа земја, според Ласе Вестергаард, инфектолог во данскиот институт „Статус серум“.
До 20 април, 355 луѓе починале од Ковид-19 во Данска, според статистика.
Дури и без епидемијата на коронавирусот, оваа сезона на грип би била блага, пикот би бил на крајот на јануари и потоа опаѓа, тврдат од Европската унија и експерти.
На крајот на март беа воведени неколкунеделни мерки на престој дома во цела Европа и исчезна епидемијата на грипот.
Сезонскиот грип, исто така, помалку ја погоди Јапонија, веројатно поради мерките преземени против пандемијата на коронавирусот како што се носење маска, често миење на рацете, се вели во студијата објавена овој месец од експерти на Универзитетот во Токио и јапонскиот Центар за контрола на болести.
Иако се чини дека мерките за изолација го спречија ширењето на грип, не е познато дали лошото известување за тоа е исто така причина за очигледен пад на болеста.
Луѓето со поблаги симптоми генерално ги избегнуваа болниците за време на епидемијата со Ковид-19, велат експертите. зш/