Утрински Весник
Македонија

Се копаат нови бунари во атарот на Канатларци, жителите конечно ќе имаат доволно вода за пиење

Се копаат нови бунари во атарот на Канатларци, жителите конечно ќе имаат доволно вода за пиење

Повеќе од три децении над 2.000 жители на прилепското село Канатларци се соочуваат со континуиран недостиг на вода за пиење. Низ годините со свои средства изградиле локален водовод и сами стопанисувале, но сепак не успеале да ги решат проблемите со водата како елементарен услов за живот. Дареживоста од 2,5 литри вода во секунда на единствениот бунар ископан во атарот на селото, не ги задоволувал потребите на жителите, кои немале финансиски средства да ископаат нови бунари. Со оглед на фактот што проблемот со водата секоја година станувал сè поизразен, доставиле барање до Општина Прилеп за итно решавање на проблемот.

– Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ заедно со Општина Прилеп започнаа ископување на нови бунари во близина на стариот, во атарот на Канатларци. Сега очекуваме дека ќе бидат на располагање околу 10 литри вода во секунда, количества  коишто ќе ги задоволат потребите на жителите – истакнува Метин Мемишоски, претседател на месната заедница на ова населено место.

И директорот на ЦОУ „Кирил и Методиј“ Бајрам Јусуфоски, истакнува дека со ископување на новите бунари, ќе се надминат децениските проблеми на генерации ученици и наставници за одржување на нивото на хигиена во училиштето.

– Ние сме убедени дека со ископување на новите бунари, со оглед на тоа што ја знаеме и локацијата, најмалку 30 години во иднина и како училиште и како домаќинства, ќе немаме проблеми со недостиг на вода за пиење. Досега навистина беше тешко да се одржува хигиената во училиштето, зашто постојано се соочувавме со прекини во водоснабдувањето – акцентира директорот Јусуфоски.

Од ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп објаснуваат дека според расположливите количества вода за пиење ова е најзагрозено населено место.

– Бунарот што беше избушен пред 10 дена е со дарежливост од 1,5 литри вода во секунда. Сега, продолжуваат активностите во правец на градење линија од овој бунар до резервоарот на стариот бунар. И најдоцна за две недели, покрај постоечките 2,5 литри во секунда, ќе бидат на располагање уште 1,5 литри во секунда чиста вода за пиење. Бидејќи овие количества не се доволни за потребите на ова населено место, „Водовод и канализација“ во соработка со Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски веќе ги направи бушењата за уште еден бунар, од кој ќе се обезбедат околу 10 литри вода во секунда. Претходно, ЕВН треба да донесе струја до бунарот, а Општина Прилеп да изготви и соодветен проект – вели директорот на ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп, Емил Јанески.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Втора тркалезна маса на Министерството за правда за измени на Законот за Судски совет

Претпладне магливо по одделни котлини, попладне сончево со умерена локална облачност

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%