Штип, 30 март 2020 (МИА) – Општина Штип работи на изградба на три пункта во градот со поставување на времен режим на движење за дезинфекција на сите возила кои влегуваат во Штип, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот Благој Бочварски.
„Бау Инженеринг’’, „Пелагонија Инженеринг’’ и „Коле Транс Инженеринг“ се трите градежни компании кои покажале општествена одговорност и ги градат пунктовите.
-Се работи за влезот од Скопје кон Штип кај Републичката полиција, влез Струмица- Штип кај училиштето „Искра“ и влез Кочани -Штип кај поранешниот текстилен комбинат ,,Македонка“. Задолжително секое возило треба да помине низ овие дезинфекциони пунктови, истакна Бочварски.
Општината почна и со доделување на 500 социјални пакети за социјално загрозени семејства. Пакетите се направени со поддршка на компаниите „Витаминка’’, „Jугококта’’, „Актива Инженеринг’’, „Вид’’ и „Бравиа’’.
– СВР Штип има вкупно 128 лица за контролирање од кои 31 лице се со решение за изолација, а 97 лица се со изјава за самоизолација. Приведени се 32 граѓани поради нарушување на полицискиот час. Општина Штип досега подели 10.000 маски за заштита на АРМ, СВР, Клиничката болница, Здравствениот дом, Трансфузија, ЈП Исар, ЈП Стипион, ТППЕ. Благодарност до текстилните фабрики и работниците кои се ставија во функција на заштита на граѓаните од коронавирусот, рече Бочварски.
Посочи дека во соработка со Противпожарната единица и ЈП „Исар“ во изминатиот период извршиле дезинфекција на станбени згради, улици и на плоштадот. Досега дезинфицирани се станбените објекти во централното градско подрачје, населбите „8 Ноември“, Автокоманда, и дел од населбата „Сењак“, а денес екипите продолжуваат во останатите населби.
– Пензионерите, лицата со посебни потреби и лицата со други болести да не ги напуштаат своите домови доколку е неопходно и да ги користат телефонските броеви на општинаа (078 472 621 и 032 226 623) со што мобилните екипи ќе им излезат во пресрет за нивна помош од типот на плаќање сметки, пазарење на основни намирници за храна, подигање на лекови од аптека и достава до живеалиштето. Мобилните тимови на Општина Штип и Црвениот крст досега опслужиле шеесетина лица, истакна Бочварски.
Во Општина Штип денеска се одржа и третиот координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во проширен состав на кој дополнително беа присутни претставници од сите институции вклучени во справувањето со пандемијата со коронавирус. вдј/бак/