Берово, 15 април 2020 (МИА) – Берово од утрово се под снежна покривка. Снегот кој паѓаше во текот на ноќта е поизразен на повисоките места додека во градовите и селата истиот не се задржал на коловозите. Граѓаните изненадени од оваа ситуација најмногу стравуваат за овошните насади кои не се отпорни на студот.
-Од утрово температурите се пониски што е ризик за овошните насади. Имавме во минатото случаи кога токму во април имавме речиси стопроцентно измрзнување на овошките. Сегашните температури според нас ќе влијаат на понатамошниот развој на цутот на овошките кој засега е добар и очекуваме добар род. Сепак доколку продолжи да биде уште постудено ќе мора да преземеме заштита на истите, велат граѓани кои одгледуваат овошни насади.
Агрономите велат дека нема опасност од измрзнување, освен доколку дојде до непредвидено ниски температури под нулата.
-Факт е дека имаме релативно ниски температури во овој период од годината. Синоќешните температури беа нешто над нулата и може да се каже дека само на одредени места може да има оизмрзнување кое е минимално. Измрзнувањето може да биде поголемо доколку температурите се спуштат под минус 5 или повеќе степени, децидни се агрономите.
Во наредниот период се навестуваат поволни температури што е добра вест за овоштарите. Со тоа се елиминира можноста од повторување на катастрофата од пред три години, кога во Пијанец, поради измрзнување на овошните насади, 650 овоштари пријавија штета од над милион денари. вс/са/