Утрински Весник
Македонија

Секој паркинг во Скопје со свои правила, граѓаните станаа експерти за паркирање за да не добијат казна

Секој паркинг во Скопје со свои правила, граѓаните станаа експерти за паркирање за да не добијат казна

Секој паркинг на ЈП „Градски паркинг“ или ЈП „Паркинзи на општина Центар“ си има свои правила за паркирање, кои доколку граѓаните не ги познаваат добро, резултира со кревање на нивното возило од пајак-службата или поставување на блокатор на возилото. Негативните реакции на граѓаните во главниот град се секојдневни, а многумина обвинуваат дека различните правила за паркирање на паркинзите се направени токму за да се полнат буџетите на општинските претпријатија со пари од граѓаните.

Проблемите со паркирањето се многубројни, и тоа од фактот што двете претпријатија имаат различни цени за паркирање за еден час во иста населба, преку фактот што на различни паркинзи платениот паркинг е со различно работно време кај исто претпријатие, до поделбата на помалите улици на резидентни и нерезидентни паркинзи, што предизвикува хаос од правила кои неретко ги става возачите во недоумица.

На паркинзите со кои управува ЈП „Градски паркинг“, голем проблем што го имаат возачите во зимскиот период е различното работно време на паркинзите. Во Општина Аеродром лани се отвори ново зонско паркирање во зоната „Д“, каде платениот паркинг цела година трае од 7 до 23 часот во периодот од понеделник до сабота. Наспроти ова, на паркинзите на ова јавно претпријатие што се наоѓаат во Општина Центар, паркирањето во зимскиот период од 1 октомври до 31 мај трае од понеделник во петок од 7 часот до 21 часот, а во сабота од 7 до 14 часот.

За жителите кои живеат во Градски ѕид во центарот на Скопје, различното работно време на паркинзите во двете скопски општини е нелогично. За разлика од Општина Аеродром, во строгиот центар на градот приливот на возила во секој дел од денот е многу поголем, а граѓаните кои имаат обврски во вечерните часови не можат да пронајдат слободно место за паркирање, и покрај тоа што имаат бесплатни дозволи за паркирање како станари. Ова предизвикува секојдневен револт кај жителите, бидејќи дозволите за паркирање во многу случаи се бескорисни, за што „Мета.мк“ веќе пишуваше на оваа тема.

Горлив проблем во одредени делови од центарот на Скопје, како што е населбата Дебар Маало, се улиците коишто се поделени на управување и на ЈП „Градски паркинг“ и на ЈП „ПОЦ“. Кај малите улички е нејасно каде завршуваат правилата за паркирање на едното претпријатие, а започнуваат на другото јавно претпријатие. Посебен проблем е цената за паркирање, бидејќи ЈП „ПОЦ“ ја зголеми цената за паркирање на 70 денари за еден час, додека ЈП „Градски паркинг“ не усвои идентична одлука. И по речиси една година помината од донесувањето на ваквата одлука, двете јавни претпријатија имаат различни цени за паркирање во населбата Дебар Маало.

– Овие две претпријатија се засебни и секое претпријатие има свои ценовни политики и правилници по кои делува. ЈП Паркинзи на Општина Центар ја донесе Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење – беше последното објаснување кое го добивме од ЈП ПОЦ за различните цени на паркирање.

Конечно, голем проблем за корисниците на услугите за паркирање во Скопје е поделбата на паркинзите на резидентни и нерезидентни кај ЈП „ПОЦ“. Во одредени делови од централното градско подрачје, како што е примерот со паркинзите околу основното училиште „Песталоци“, секое различно ќоше има различна намена, при што некоја помала улица е само за жителите од околните куќи и згради, додека на друга улица слободно може да се остави возилото и да се плати паркинг. Речиси секојдневно, службените лица на ЈП „ПОЦ“ поставуваат блокатори на возилата на недоволно информираните граѓани, а пајак-службата крева возила од резидентните паркинзи.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолго време пишува за проблемот со паркирањето во Скопје. Покрај фактот што бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање е за неколку пати поголем од бројот на паркинг места со кои располагаат јавните претпријатија, стапката на моторизација на населението расте, а со тоа само растат грижите за пронаоѓање на место за паркирање кај возачите.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот