Само со почитување на мерките може да очекуваме намалување на бројките на инфицирани со коронавирусот, велат од СДСМ.
„Кога пандемијата со коронавирусот е во полн налет, бројот на инфицирани расте, болничките капацитети се полнат, а здравствените работници се преморени, важно е сите да ги почитуваме мерките за заштита на сопственото и на јавното здравје. Само со почитување на мерките, носење маска во затворени простори каде што може да се соберат повеќе лица во исто време и на отворен простор, држење дистанца, миење и дезинфекција на рацете и избегнување на групирање може да очекуваме намалување на бројките“, велат од СДСМ.
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, додаваат од партијата, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат неконструктивно и ги кочат, опструираат и критикуваат сите напори за справување со коронакризата, а сега организираат масовни собири, на кои се кршат мерките за заштита и го доведуваат во опасност јавното здравје.
„Граѓаните знаат дека сега е неопходно сите да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од коронавирусот, само така заедно можеме да го намалиме ширењето на вирусот и да го заштитиме јавното здравје“, се наведува во соопштението.