Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во рамки на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ја најавува балетската претстава „Сви Марш на плес“ (Balkan Dance Project) која ќе се одигра на 26 јули (понеделник) во Националната опера и балет со почеток во 20:30 часот.
Учествуваат танчери од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на „Бјело Дугме“, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат: Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.
Претставата ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а билетите се во продажба на karti.com.mk и на влезот на Националната опера и балет пред почетокот на настанот по цена од 400 (галерија) и 500 денари (партер).
Сиже на претставата
Балетската претстава „Сви марш на плес“ нè води во електричен и измислен свет во кој песните на култниот екс-ју бенд „Бјело Дугме“ стануваат основа за раскажување на приказни за едно време и една генерација. Како што љубовта е тема во повеќето песни на Бјело Дугме, така не можеме да избегаме од фактот дека сржта на оваа претстава е токму љубовта и љубовните односи, од оние за кои копнееме, до оние за кои живееме, и оние кои кои се на издишување или припаѓаат на носталгичниот одраз на нивните херои. Инспирација за атмосферата на претставата добивме од спотовите на бендот – енергични, разиграни, целосно во духот на светските трендови на рок сцената. Рок во поранешна Југославија беше симбол на еманципација на младите и напредок на општеството, додека предзнакот пасторално алудираше на руралниот контекст на општеството кое сè уште не е целосно зрело, но има свои позитивни страни – чистотата и наивноста на детето. Во тие позитивни страни всушност и постанува звукот на Бјело Дугме кој успешно комбинира традиционални со современи елементи, препознатливи локални со алтернативни рокенрол звуци.
Игор Киров, македонски кореограф со меѓународна кариера, на хитовите од Бјело Дугме создава динамична балетска претстава чие дејство е грубо лоцирано во замислена младинска државна градба за време на летна работна акција во првата половина на 80-тите години на минатиот век. Нивната енергија и посветеност на модерниот балет, со музиката на Горан Бреговиќ и маестралната кореографија, гарантираат свежо и иновативно театарско доживување.
Текстот „Сви Марш на плес“ на Скопско лето е превземен од МАКФАКС.