Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Свеченостите за Илинден годинава без масовни собири

Свеченостите за Илинден годинава без масовни собири
Img 7972

Поради пандемијата на Ковид-19, свеченостите по повод државниот празник Илинден, годинава ќе се одржат во посебни услови во согласност со протоколот за одбележување државни празници, без масовни народни собири.

Годинешните свечености во Крушево, Пелинце и во Скопје, со кои ќе се одбележи 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание, ќе се одржат со заеднички лајтмотив – „Победа за сите“.

Во протоколите, покрај бројот на учесниците, опфатени се и здравствено-безбедната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита.

Програмата во Скопје ќе се одржи на настан на кој ќе се обрати претседателот на Владата, Оливер Спасовски, на скопската тврдина Кале.

Оваа година претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот центар „Пелинце“.

Во Крушево, на Мечкин Камен, настаните ќе се одбележат под покровителство на Собранието.

Владината делегација во Крушево ќе ја сочинуваат вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

И оваа година како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот се вклучени и содржините од Смилево, кои ќе се одржат на 1 август, сабота, a со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански oдред „Даме Груев“.

За исполнување на препораките од протоколот, содржините на програмите за одбележување се сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и без народните собири на отворено и во угостителските објекти.

Целокупната програма за свечено одбележување на државниот празник од Скопје, Пелинце и од Крушево ќе ја пренесува во живо националната радио-телевизија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пукање во центарот на Куманово – повреден носител на советничка листа од Липково

Претреси во домови за стари лица во Скопје под сомненија за нехуман третман

ДИЗ: Инспекциски контроли кај извозникот, откупувачите и производителите, црвените пиперки не се вратени во Македонија