Штип, 23 мај 2020 (МИА) – Светиниколскиот Градски пазар денеска се отвара само за земјоделски производи. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски вели дека сите продавачи на пазарот мора да носат заштитни ракавици и заштитни маски, а истите мерки важат и за сите купувачи.
Екипи на ЈКП Комуналец, стојат на влезовите на пазарот со цел забрана на влез на лица без заштитни маски. МВР е присутна на терен со цел санкционирање на оние лица кои нема да ја почитуваат мерката за носење на маски, вели Велковски.
Тој потенцира дека на територијата на Општина Свети Николе , досега нема ниту едно лице заболено од вирусот Ковид-19. За време на продолжениот викенд , земјоделците кои не се регистрирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство можат да го најават своето движење за време на забрана на движење на тел. број 075/421-181 . Истото можат да го сторат денеска во термин од 09-14 часот. Движењето на земјоделците ќе биде овозможено во временски термин од 07-09 часот наутро и од 17-19 часот попладне.
– Од спроведените скрининг тестирања на вработените во Детската градинка „Рахилка Гонева“ , ниту едно лице не се покажало како позитивен на тестот за Ковид-19. Издадени се девет платни налози на граѓани за неносење на заштитни маски. Вкупно три лица од нашата општина се наоѓаат во самоизолација кои имаат и решенија од Министерството за здравство за постојан здравствен надзор од страна на Центарот за јавно здравје Свети Николе, вели Велковски.
Апелира граѓаните да се придржуваат на мерките и препораките за носење на заштитни маски и држење на дистанца од два метра. вдј/оџ/