Од утре до 07 октомври, во организација на ХАЕМУС – Центар за научни истражувања и промоција на културата, ќе се одвива онлајн изложбата „Светата планина на Скопје“, посветена на културното наследство коешто се наоѓа на територијата на Скопска Црна Гора.
На изложбата поставена на сајтот на ХАЕМУС, преку галерии на фотографии и едукативни видеа ќе може да се погледне огромното архитектонско и уметничко богатство кое го поседува овој микро-регион. Изложбата е достапна на следниот линк: http://haemus.org.mk/the-holy-mountain-of-skopje/
Настанот се реализира во рамките на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“, согласно овогодинешна тема „Културното наследство и училиштата“ која се одбележува со поставување на виртуелни и други едукативни содржини на интернет. Целта на оваа онлајн изложба е поткревање на свеста кај пошироката јавност и едукација за заедничките европски вредности преку промоција на сакралното и уметничкото наследство во поширокиот ареал на Скопје.