Утрински Весник
Култура

Самостојна изложба на Филип Велковски- „Идиоми“

Самостојна изложба на Филип Велковски- „Идиоми“

Денеска од 18 часот во просториите на КСП Центар- Јадро ќе се отвори самостојната изложба на Филип Велковски „Идиоми“

Изложбата насловена „Идиоми“ е втора самостојна изложба на визуелниот уметник Филип Велковски (1988, Скопје). Со новиот проект Велковски го продолжува своето истражување во сликарството, преку серија од 9 слики во поголем формат.работени во комбинирана, претежно маслена техника, под работниот наслов „Пораки на тунгстен“ во периодот 2017-2020 година.

За разлика од неговиот прв проект „Лиминални фигури“ (2017, МКЦ), каде што примарен предмет на сликарското истражување е фигурата, во циклусот „Идиоми“ фокусот е на бојата, на пресекот помеѓу текстурата, и скриените текстуални и визуелни пораки, кои се откриваат под површината низ изгребаните и излупени слоеви на густите наноси боја.

Сликите на тој начин формираат палимпсестна структура, која е метафоричен приказ на комплексното функционирање на човековиот ум, на аморфноста и флуидноста на мислите во некоја претпоставена фаза пред кристализирање на идеите.
Со дисторзија на фигуративните елементи во чудни, композитни структури, како и со кратките елиптични наслови, се остварува јаз во можноста за експлицитно откривање на наративот. Меѓупросторот на сликовното и текстуалното го заземаат апстрактни форми кои се симулација на текст и осцилираат во морфирањето, напред и назад.

На сличен начин фунционира и анимацијата која е проектирана врз платно и претставува некој вид пунктум во целината, перцепциски крстопат: таа истовремено и припаѓа, но е и аномалија. Отстапувајќи од статичното, таа го открива и потенцијалот кај останатите слики.
Гледачот е соочен со еден вид отворено дело:просторот што авторот го замислува како реконструкција на „ќелија на умствени мапи“, ги поврзува поединечните слики заедно со насочената светлина и суптилниот звук, во една симбиотичка целина.
Владимир Јанчевски

Филип Велковски, (1988) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Во фокусот на неговото уметничко истражување се умствените слики, соништата и маргиналната митологија. Ги користи медиумите на сликарство, инсталација и дигитална илустрација со цел да произведе измислени сценарија и субверзивни простори. Делата на Велковски се составени од густи слоеви на бои и разновидност на материјали, преку кои тој ги потенцира материјалните и метафизички аспекти на самиот медиум и нејзината поврзаност со општеството.

Делата на Филип неодамна биле претставени на XII биенале на млади уметници во МСУ, Скопје, Македонија (2018); работилницата и изложба во „Neu Neu Gallerie“ – експериментален галериски простор како дел од Documenta XIV во Касел, Германија (2017); а истата година тој ја имаше и својата прва самостојна изложба „ Лиминални фигури “ во галеријата на МКЦ, Скопје, Македонија.

Од 2012 година, Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на град Скопје.

Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „ Под земја полесно се дише “ во Скопје. Заедно со група уметници, тој го иницираше фестивалот во 2013 година, кој го организираат на годишно ниво. Заземајќи место во подземна гаража, целта на фестивалот е да го окупира јавниот простор и да го претвори во галерија и платформа за перформанси. Во улогата на кустос на ликовниот дел на фестивалот, Велковски експериментирал со изложување на ликовни дела во неортодоксни поставки, при што главен фокус е тоа како се менува контекстот на делата во рамките на локацијата и на индустрискиот изглед на гаражата.

Оваа изложба е релизирана со финаниска поддршка на Министерство за култура и е дел од годишната програма на КСП Центар -Јадро

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“