Утрински Весник
Свет

САД го тргнаа Судан од списокот спонзори на тероризмот

САД го тргнаа Судан од списокот спонзори на тероризмот

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, потпиша известување дека се отстранува Судан од списокот Државни спонзори на тероризмот, а одлуката стапува на сила од денеска, соопшти Американската амбасада во Картум.

„Периодот на известување на Конгресот од 45 дена измина и државниот секретар потпиша известување во кое се вели дека отстранувањето на ознаката „спонзор на тероризмот“ од Судан стапува во сила од денес (14 декември) и ќе биде објавено во Федералниот регистар“, напиша амбасадата на својата страница на Фејсбук.

Кон крајот на октомври, американскиот претседател Доналд Трамп официјално го извести Конгресот дека неговата администрација ќе го тргне Судан од списокот на спонзори на тероризмот откако Картум им исплати 335 милиони долари на американските жртви на тероризам и на нивните семејства. Се верува дека отстранувањето е дел од тековната политика на САД за нормализирање на односите меѓу Израел и арапскиот свет. Во септември, Картум и Вашингтон постигнаа договор за ова прашање иако ниту една од официјалните страни не ја потврди врската помеѓу тргањето на Судан од црната листа и нормализирање на односите со Израел.

Африканската нација беше ставена на црната листа уште во 1993 година како речиси петгодишно засолниште на Осама бин Ладен во исто време кога водачот на терористичката група Ал Каеда беше вклучен во напади врз цели во САД. Четири години подоцна, Вашингтон воведе санкции против Картум со кои се ограничува можноста на суданските банки да работат со странски партнери.

Напредокот во односите меѓу САД и Судан беше постигнат во август 2019 година, кога новиот премиер Абдалах Хамдок најави почеток на преговори со Вашингтон за отстранување на Картум од црната листа. Подобрувањето на врските се случи откако Судан го основаше Суверениот совет, официјално распуштајќи го Преодниот воен совет, кој дојде на власт откако во април беше симнат од власт поранешниот претседател Омар Башир.

Во март 2020 година, Централната банка на Судан соопшти дека САД ги информирале за укинување на сите економски ограничувања, освен неколку санкции поврзани со Дарфур. Кон крајот на октомври, Судан и Израел постигнаа договор за воспоставување на целосни дипломатски односи меѓу двете нации.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња