Aкцијата во Грчец и во други делови во Скопје има за цел сузбивање на трговија со дрога. Приведени се 21 лице, меѓу кои нема полициски службеници, а од понеделник ќе биде спроведена и финансиска истрага, изјави денеска шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Прашана дали меѓу осомничените и приведените има и полицајци, Русковска, рече дека досега нема полициски службеници, но ќе се вршат вештачења на одземените телефони и доколку се најде комуникација, сигурно ќе бидат осомничени и овластени службени лица.
Предметот, појасни таа, е започнат и го воделе обвинители заедно со истражители од ОЈО за организиран криминал и корупција.
– Собирваме година дена докази. Се спроведуваа посебни истражни мерки и тоа слушање на телефонски комуникации, како и следење. Моментно се приведени 21 лице. Се наоѓаат во повеќе полициски станици, но колку што сум информирана по одредени лица се уште се трага, изјави Русковска, по завршување на денешното рочиште за „Организаторите за 27 април”.
Имаме докази, рече таа, дека овие приведени лица сториле кривично дело недозволена трговија со опојни дроги и прекурсори.
– Не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага. Се плашевме да не ни се пробие целата акција, но од понеделник ќе почне и финансиска истрага, изјави Русковска.
Таа нагласи, дека некаде се уште траат претресите и дека се надева оти утре ќе биде организирана прес-конференција со повеќе детали за акцијата.