Утрински Весник
Свет

Руски „Комерсант“: Ќе има политички последици, Москва го предупреди Вучиќ за договорот

Руски „Комерсант“: Ќе има политички последици, Москва го предупреди Вучиќ за договорот

Белград и Приштина формално се обврзаа на воспоставување економски врски, но тоа може да има сериозни геополитички последици, пишува московскиот весник „Комерсант“.

Според анализата на весникот, овие последици се рефлектираат во тоа што ќе ја ослабат зависноста на Србија од рускиот гас и ќе обезбедат поврзување на Белград и Приштина со безбедносниот систем предводен од САД.

Весникот наведува дека и натаму нема официјална реакција од Русија во однос на потпишувањето на документот во Белата куќа, но дека тој „делумно“ се појавил на фејсбук страницата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

„Комерсант“ објаснува дека Захарова објавила фотографија од Доналд Трамп зад неговата масивна работна маса, спроти кого седи српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изгледа „како да е на сослушување“.

Рускиот дневен весник наведува дека главната политичка новина е во точката 15 од документот, каде што Косово се согласува на годишен мораториум дека нема да бара членство во меѓународни организации, а Србија во тој период нема да ги убедува другите земји да не го признаваат Косово или да го укинат признавањето.

Последната точка каде што зборува за односите меѓу Белград и Приштина со Израел е уште понеочекувана, додава весникот.

„Комерсант“ го цитира и белградскиот аналитичар Влатко Секуловиќ, кој смета дека израелскиот елемент во документот потпишан од лидерите на Белград и Приштина не само што ги зголемува изборните шанси на Трамп, туку го зајакнува и самиот договор.

Секуловиќ за весникот изјавил дека обете страни прифатиле обврска да ги користат најновите технологии на САД во областа на безбедноста, што ќе обезбеди поврзување на Белград и Приштина со безбедносниот систем предводен од САД.

Шефот на белградскиот Центар за надворешна политика, Драган Ѓукановиќ, за московскиот весник изјавил дека можностите за соработка на Србија со НАТО се шират по преговорите во Вашингтон.

На крајот од анализата весникот открива дека Русија уште во јуни го предупредила претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за некои позиции што би можеле да вклучени во конечниот текст на документот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме