Американските власти го уапсиле рускиот државјанин Максим Бојко во рамките на истрага за компјутерска измама и перење пари, соопшти во четвртокот американското Министерство за правда, пренесува ТАСС.
Според изјавата на министерството, 30-годишниот Бојко бил уапсен кон крајот на март годинава при посетата на САД по што било поведено обвинение против него.
Сè на сè, обвинети се 20 лица како дел од случајот, вклучително и државјани на Грузија и Летонија. Во тек е кривична постапка во Велика Британија, Шпанија, Португалија и во САД. Повеќе од 40 претреси биле извршени во Бугарија, Велика Британија, Шпанија, Летонија и во Португалија.
Руски дипломати му даваат конзуларна помош на Бојко, изјави за ТАСС прес-службата на руската амбасада во Вашингтон.
„Конзуларниот оддел на Амбасадата беше известен за ова прашање од страна на американските власти. Ние сме свесни за ситуацијата. Одржуваме контакт со Максим Бојко и со неговите роднини во Русија и ја обезбедуваме потребната конзуларна и правна помош“, велат од Амбасадата.
Бојко се изјаснил за невин, изјави неговиот адвокат Аркадиј Бук за ТАСС.
„Нашиот клиент беше уапсен меѓу првите под обвинение за перење пари. Тој се изјасни за невин“, рече Бук, додавајќи дека тимот на одбраната очекува случајот да биде претставен пред порота.
Адвокатот рече дека тимот на одбраната ќе ги оспори образложенијата на американските адвокати, кои тврдат дека учесниците во наводната криминална шема биле свесни оти парите биле добиени со незаконски средства.
„Една од нашите причини е што тие луѓе вршеле финансиски трансакции без да знаат дека парите се украдени. Се надеваме дека оваа причина ќе помогне од случајот да се отстрани елементот за перење пари за што тие се обвинети“, рече тој.
„Парите навистина биле украдени, а организациите навистина биле ограбени. Но, важно е да се разбере дека не сите играчи на пазарот биле свесни дека парите се украдени“, објасни Бук.