Утрински Весник
Свет

Руската вакцина oд следната недела ќе биде тестирана на 40.000 луѓе

Руската вакцина oд следната недела ќе биде тестирана на 40.000 луѓе

Mасовното тестирање на првата руска потенцијална вакцина против Ковид-19, која доби одобрение од руските власти, ќе вклучува повеќе од 40.000 луѓе и ќе биде надгледувано од странско научно тело, соопштија во четвртокот официјални лица кои работат на проектот.

Со објавување на детали за третата фаза од клиничките испитувања, која започнува следната недела, производителите на вакцината сакаат да ја намалат загриженоста на некои научници поради оскудните податоци за вакцината што Русија досега ги објави.

Вакцината е именувана „Спутник V“, по првиот светски сателит лансиран од поранешниот Советски сојуз. Руските власти и научници ja фалaт вакцината како безбедна и ефикасна по двомесечните тестирање на луѓе во мал обен, иако резултатите сè уште не се официјално објавени. Сепак, западните експерти се скептични и предупредуваат да не се користи додека не се изврши успешно, меѓународно одобрено тестирање.

„Голем број држави водат информативна војна против руската вакцина“, смета Кирил Дмитриев, шеф на Фондот за директни инвестиции на Русија, кој го поддржува развојот на вакцината. Тој во интервју посочи дека податоците за вакцината ќе бидат објавени во научно списание во текот на месецов.

Русија примила нарачки за милијарда дози од вакцината од земји низ целиот свет, а има капацитет да произведува до 500 милиони дози годишно преку производствени партнерства.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници