Утрински Весник
Свет

Русија започна големи поморски вежби во Арктикот

Русија започна големи поморски вежби во Арктикот

Руски воени бродови денеска влегоа во Баренцовото море за да вежбаат заштита на главната рута на бродскиот сообраќај на Арктикот, соопшти Северната флота на Русија.

Тоа се случува во време кога Москва организира сеопфатни воени вежби во кои учествуваат сите нејзини флоти.

Вежбите на Арктикот, во кои е планирано да учествуваат околу 30 воени бродови, 20 авиони и 1.200 војници, имаат за цел да ја проценат борбената готовност на руските војници на Арктикот и нивната способност да го заштитат Северниот морски пат.

Војниците ќе вежбаат одбивање воени закани и ќе помогнат да се обезбеди безбедност на поморските патишта и поморските економски активности на руските области во Северните мориња во случај на криза, соопшти Северната флота.

Како што објави „Ројтерс“, Русија инвестирала големи средства во инфраструктурата за развој на Северниот морски пат и се надева дека таа ќе стане главна бродска рута бидејќи Арктикот ќе се загрева побрзо од остатокот од светот.

Овој пат во моментов не се користи во зима поради густата ледена покривка.

Минатата недела официјална Москва најави дека ќе објави серија воени вежби, на кои ќе учествуваат сите нејзини флоти во морињата кои се во близина на Русија.

Вежбите ќе вклучуваат и маневри во Средоземното Море, Северното Море, Охотското Море, Североисточниот Атлантик и Пацификот.

Можете да прочитате

Трамп најавува „некаков вид дивиденда“ за Американците од новите царини

Голем корупциски скандал во Украина – краделе од тендерите за набавка на дронови

Над 10.000 хотели од ЕУ поднесоа тужба против Booking