Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Сојузот на Ротари клубовите на Република Северна Македонија донира опрема и финансиски средства како поддршка на здравствениот систем во борбата против Covid-19 во вредност од 1,4 милиони денари.
Во здравствените установи веќе се испорачани четири монитори за пациенти, 15 пулсоксиметри, 100 заштитни визири, 1000 заштитни маски KN95-A за медицинскиот персонал и 200 крпи. Парите се лични донации од членовите на Ротари клубовите.
Вкупната вредност на досега донираната опрема и финансиски средства собрани од страна на Ротари клубовите ширум земјата, наменети како поддршка на здравствените установи, надминува 40 илјади евра.
-Борбата против болестите е една од главните области на делување на ротаријанците ширум светот. Во овие моменти кога нашата земја и целиот свет се соочува со огромен предизвик како што е пандемијата од корона вирусот, неопходно е да ги здружиме сите расположливи сили и да помогнеме онаму каде што е најнеопходно, а тоа секако се здравствениот систем, медицинскиот персонал и пациентите. Како индивидуи, но и како Сојуз на ротари клубови ќе направиме се што е во наша моќ и понатаму да му помагаме на здравствениот систем и на нашата земја, заеднички да излеземе како победници од оваа криза, вели во пишана изјава Никола Петкоски, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија.
Во нашата земја делуваат 20 Ротари клубови кои обезбедуваат активна и континуирана поддршка во различни општествени области. лв/дма/