Утрински Весник
Свет

Роман Абрамович и украински преговарачи имаат симптоми на труење, објави „Волстрит журнал“

Роман Абрамович и украински преговарачи имаат симптоми на труење, објави „Волстрит журнал“

Рускиот бизнисмен Роман Абрамович и украинските мировни преговарачи имаат симптоми на труење откако се сретнале во Киев претходно овој месец, пишува „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal).

WSJ за оваа информација се повикува на блиски луѓе до двете страни.

По состанокот во главниот град на Украина, Абрамович, кој патувал меѓу Москва, Лавов и други преговорачки места, како и најмалку двајца високи членови на украинскиот преговарачки тим, развиле симптоми како вцрвенети очи, постојано и болно солзење и лупење на кожата на лицето и рацете, пренесува WSJ.

Приказната за симптоми на труење кај неколку луѓе ја потврдува и Bellingcat, холандско здружение на истражувачки новинари, специјализирано за факчекинг.

„Bellingcat може да потврди дека тројца членови на делегацијата што учествуваше на мировните преговори меѓу Украина и Русија ноќта меѓу 3 и 4 март 2022 година, почувствувале симптоми на труење со хемиско оружје. Една од жртвите е рускиот бизнисмен Роман Абрамович“, напишаа тие.

За Абрамович веќе се споменуваше дека учествувал во мировните преговори како посредник меѓу завојуваните страни. Тој, наводно, лично ја пренел пораката што Зеленски му ја испратил на Путин.

Абрамович, како и повеќето олигарси, заврши под санкции.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како што беше соопштено пред пет дена, во телефонски разговор побарал од претседателот Џо Бајден да не воведува санкции за рускиот бизнисмен бидејќи тој може да се покаже како корисен посредник во мировните преговори со Москва, пишува „Волстрит џурнал“.

Како резултат на тоа, Белата куќа го уверила Министерството за финансии да не продолжи со плановите за воведување санкции на Абрамовиќ, велат извори запознаени со ситуацијата.

Истите извори наведуваат дека Бајден се консултирал со Зеленски за голем број санкции, вклучително и за Абрамович.

Можете да прочитате

Петмина полицајци убиени, осуммина ранети во серија напади во Пакистан

Израел планира мобилизација на 100.000 резервисти за офанзива во Газа

Тројца загинати во пожарите во Шпанија, масовни евакуации низ земјата