Утрински Весник
Култура

Роденденска торта и концерт на „Синтезис“ за 61-от роденден на „Охридско лето“

Роденденска торта и концерт на „Синтезис“ за 61-от роденден на „Охридско лето“

Со роденденска торта што свечено ја пресече министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, НУ „Охридско лето“ денеска го одбележа 61-от роденден.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција рече дека богатата историја на фестивалот е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.

„Секоја година 40-те фестивалски денови се празник на уметноста. „Охридско лето“ носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од сите земји во светот. И во време на пандемија успеавме да ја продолжиме традицијата, да го задржиме квалитетот и да ги донесеме најдобрите домашни и светски уметници. Посебно сум горда што и покрај здравствената криза со ковид-19, успеавме оваа манифестација да не изгуби од својот квалитет. Напротив, продолживме и го надградивме квалитетот за што добивме и бројни пофалби како од нашата верна публика, така и од уметниците кои се дел од програмата“, рече Поповиќ, која најави дека традицијата ќе продолжи, но, како што кажа, во иднина фестивалот ќе чекори и кон модерни, побогати и разновидни уметнички достигнувања.

Денеска, на денот кога оперската примадона Ана Липша Тофовиќ во 1961 година го означи почетокот меѓународниот фестивал „Охридско лето“, НУ Македонски Народен театар на фестивалот му предаде биста на големата Ана Липша Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. Бистата е излеана во бронза, со димензии 99х55х32 сантиметри.

Според директорката Поповиќ, бронзената биста за фестивалот претставува вреден спомен кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и зборовите „ да ни е вечно Охридско лето “.

„Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и оддржуваме блесокот на оваа сцена. Вечно благодарни кон нејзиниот лик и дело, посакуваме да се слави овој ден уште многу години. Посакуваме уште многу блескави моменти на следните фестивалски изданија“, додаде Поповиќ.

Одбележувањето на шеесет и првиот роденден ќе продолжи и вечерва со голем концерт на етно-групата „Синтезис“ на Античкиот театар.

Претставникот на групата „Синтезис“ Ванчо Јовчев рече дека е огромна честа да се настапува на фестивалската сцена на која низ годините нанзад настапиле врвни уметници од целиот свет.

Текстот Роденденска торта и концерт на „Синтезис“ за 61-от роденден на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“