Вчера заврши CES 2021, најголемиот светски саем за електроника, кој годинава за првпат се одржа виртуелно. Глобалната здравствена криза не го запре развојот на потрошувачката технологија, па и овој пат можеа да се видат најразлични уреди, апликации, електрични возила, паметни домашни апарати, гејминг опрема, а здравствената технологија котираше високо на агендата на саемот.
На годинешниот CES, кој се одржа од 11 до 14 јануари, учествуваа голем број технолошки компании кои имаа можност да ги претстават своите иновации и стартапи и да формираат нови партнерства.
Доминантна тема на овогодинешното шоу на потрошувачка електроника беше технологијата која им помага на луѓето да го одржат своето здравје, благосостојба и удобност додека трае пандемијата.
Така, на CES 2021 можеа да се забележат роботи за дезинфекција, неколку алатки кои помагаат во миењето на раце, уреди за проценка на ризикот од пренесување на вируси и најразлични апликации за забава и одржување на социјален живот.
Помеѓу иновациите кои привлекоа најголемо внимание беше и „најинтелигентната маска создадена досега“ од страна на „Рејзер“, компанија која произведува гејминг опрема. Маската за лице „Проект Хејзел“ (Project Hazel) е од класата N95, има активна вентилација и автостерилизација, може да се полни бежично и има УВ стерилизатор. Таа користи заменливи филтри и вентилатори, што ја прави одржливо и долгорочно решение. Покрај тоа што е провидна, вградени се и внатрешни ЛЕД диоди за устата да биде видлива и при слаба осветленост. Во себе има вградени алгоритми за аудио обработка кои го прават човековиот глас многу поприроден и појасен под маската.
Повеќето иновации презентирани од „Рејзер“ сè уште не се достапни на пазарот, па најверојатно и оваа маска нема да биде наменета за широка потрошувачка, но сепак нејзината технологија е инспиративна.
Внимание на саемот привлече и уредот за следење на глукозата и анализа на крвта од страна на јапонскиот стартап Quantum Operation, кој се поставува на зглобот на раката и не бара игли за да се анализира крвта.
Тајванска компанија, пак, го претстави системот за далечинско следење на здравјето „CarePlus.AI“. Претседателот на Здружението на потрошувачи на технологијата, Стив Кениг, кој всушност е организатор на настанот, истакна дека американскиот пазар на уреди за следење на здравјето минатата година пораснал за 73 отсто и се предвидува годинава да порасне за дополнителни 34 проценти.
Технологијата која ја користат докторите за откривање на електрична активност во мозокот при дијагностицирање на различни невролошки нарушувања, компанијата „iSyncWave“ ја прави достапна за домашна употреба преку преносен шлем. Шлемот служи за мапирање на мозокот и може да открие рани знаци на алцхајмерова деменција, а обезбедува и ЛЕД терапија за деменција, Паркинсова болест, депресија и други невролошки проблеми.
Откако поради пандемијата луѓето започнаа да работат и да учат од дома, на CES 2021 можеа да се забележат и неколку иновации кои нудат решенија за дезинфицирање, но и за детектирање на вируси во просториите.
Компанијата „LG“ претстави робот кој користи УВ-Ц метода за дезинфекција на простори и површини и кој ќе може да се користи во училишта, болници и компании.
„Таргус“ го претстави УВ-Ц светлото за дезинфекција, кое е дизајнирано да стои над тастатурата и кое треба да помогне во уништување на микроорганизмите што можат да се најдат на неа. За оние на кои излегувањето надвор им е наопходно, компанијата „Таргус“ го најави и антимикробниот ранец со вградени антивирусни и антибактериски материјали, кој треба да им помогне на луѓето да не донесат несакани честички и микроорганизми дома.
За разлика од производите наменети за прочистување на воздухот, новиот уред претставен од „Ертингс“ (Airthings) на компаниите им нуди можност за анализа на просториите и ризикот од пренесување на вируси. Сензорите не го откриваат самиот вирус, но корситат други фактори за да се процени ризикот од ширење на вирусот, како следење на температурата, влажноста на воздухот и бројот на луѓе во просторијата, врз основа на емисиите на јаглерод диоксид од луѓето кои го издишуваат. Уредот проценува колку лесно може вирусот да се движи во просторијата, па доколку ризикот е голем, тој сугерира решенија како зголемување на протокот или влажноста на воздухот, или пак напуштање на просторијата на дел од присутните.
Освен здравствената технологија, на CES 2021 можеа да се видат најразлични иновации од областа на гејминг индустријата, 5Г технологијата и забавата.