Вчера во Москва заврши Дванаесеттиот меѓународен фестивал на словенските поезии на кој учествуваа и македонските поети Ристо Василевски и Веле Смилевски.
Годинашниот фестивал, одржан во он лајн издание, со поетски читања и дебати, беше посветен на новите трендови во словенските поезии, на интензивирање на соработката и меѓусебното преведување, како и на можното проширување на творечките контакти преку писателските асоцијации во словенските земји.
Покрај македонските поети Ристо Василевски и Веле Смилевски, на фестивалот, меѓу другите, настапија: Радомир Андриќ и Љубиша Симиќ од Србија, Алекс Бадак и Валериј Липневич од Белорусија, Цветка Бевц од Словенија, Елка Наголова од Бугарија, Будимир Дубак и Радомир Уљаревиќ од Црна Гора, Рената Цинаг од Полска, Теодор Крижка од Словачка, како и Вјачеслав Купријанов, Ирина Ковалева, Евгениј Чигрин и Ала Шешкен од Русија.
Оснивач и уметнички раководител на Фестивалот на словенските поезии е познатиот руски поет Сергеј Главјук, составувач на десеттоманата антологија на словенските поезии објавена на руски јазик. Избор од поезијата на Главјук е објавен на македонски јазик во превод и со предговор на Гане Тодоровски. Овој поет е од редот на плејадата светски автори учесници на Струшките вечери на поезијата.