Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Постојат индиции за злоупотреба на службена положба во МВР, во времето на Оливер Спасовски, подкрепени со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори за обрасците за лични документи, рече на прес-конференција вчера министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Поранешниот министер за внатрешни работи, сега премиер, Оливер Спасовски, пак, му порача на Чулев да си го реши проблемот со недостигот на обрасци за лични карти.
Додека јас бев во МВР, потенцира Спасовски, немаше проблеми ниту со пасошите, ниту со личните карти.
– За се што има постојат документи, а органите нека истражат се што е правено и како е правено. Се што е направено е направено во интерес на граѓаните врз основа на една легална и законска процедура, рече Спасовски на прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Според министерот Чулев, проблематични се договорите со фирмата Веридос, чија вкупна вредност достигната повеќе од 12 милиони евра, како и набавката на хардвер од истата фирма кој чинел седум милиони евра, а за кој не е нарачан софтвер.
-Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасци за лични документи. Тоа е единствената причина поради која до ден денес не е решен проблемот со недостиг на обрасци и издавање на лични документи, што ќе предизвика натамошни последици, истакна министерот Чулев.
МВР, посочи Чулев, се соочува со сериозен проблем и застој во издавање лични документи особено на патните исправи, што е последица на несовесно работење во минатото, но воедно и отвора сомнежи за прекршување на законски процедури и норми. Според него, се работи за свесно или несвесно заобиколување на законски утврдените процедури кои отстапки само го потврдуваат недомаќинското и непланско работење од Спасовски со што се предизвикани негативни фискални импликации на буџетот на МВР. Министерот Чулев нагласи дека постојат индиции подкрепени со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за нив се склучувале договори.
– Се работи за два договора – во 2016 година МВР доставува до Владата информација дека Договорот од 2007 до 2017 година со компанијата Веридос е истечен и треба да се склучи нов долгорочен договор на пет години, а инаку МВР во 2016 година кажува дека е добро на 10 години заради тоа што овој оперативен систем трае подолг временски период, за да не се прават дополнителни трошоци. Владата донесува одлука дека треба да се склучи нов долгорочен договор, односно да се направи меѓународен тендер, за кој за да се направи потребно е да се избере консултантска фирма. Меѓутоа, МВР не го спроведува тоа и склучува рамковна спогодба со Веридос од 2017 до 2019 година во траење од две години. Таа рамковна спогодба е во износ од 7.209.963 милиони евра, меѓутоа износот на спогодбата се зголемува дури на 12.898.523 евра со што се прекршиле законските постапки и процедури, треба нов договор, надминат е анексот…појасни Чулев.
Потенцира дека дополнително во овој период од две години наместо повторно да се распише меѓународен тендер и покрај обврската која е дадена на МВР од Владата тој не е направен, четири пати намерно или ненамерно неуспешен е изборот на консултантска фирма, што треба да го распише.
Истекува периодот 2019 година и во декември, нагласи Чулев, се склучува нова рамковна спогодба пак на две години со истата компанија Веридос.
– Во меѓувреме во оваа рамковна спогодба не се специфицирани техничките спецификации што треба да се содржат во неа. Комисијата која била вклучена се откажува заради тоа што смета дека не се исполнети техничките услови за склучување на рамковна спогодба меѓутоа се продолжува со спогодбата со тоа што се менуваа членовите на Комисијата и тие продолжуваат со постапката која е на висока сума. Не е преговарано од МВР, туку наместо тоа да ги даде техничките спефицикации, фактички Веридос дава технички спецификации на тоа што нам како МВР ни е обврска да го специфицираме во рамковната спогодба околу изгледот на новите обрасци со новото уставно име на државата, околу рокот на испорака, начинот на плаќање итн. Дополнително се набавува хардвер во вредност од седум милиони евра, а прашање е дали тој нас ни е потребен или не без соодветен софтвер и без технички спецификации, посочи Чулев.
Истакна дека поради постоење индиции кои се подкрепени со факти и аргументи дека од страна на одговорни лица во МВР дека е злоупотребена службената положба со целокупната писмена коресподенција и материјални докази е известено Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за нивна натамошна надлежност и постапување. Доколку се потврдат сомнежите, подвлече Чулев, против овие вработени против кои ќе биде покренат обвинителен акт ќе бидат преземени соодветни мерки односно спроведени дисциплински постапки согласно Колективниот договор на МВР.
Според него, целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа МВР и нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кои ќе се спречат овие дејствија.
– Граѓаните заслужуваат одговор и во оваа пригода го прашувам поранешниот министер за внатрешни работи, сегашен технички премиер Оливер Спасовски дали ова е одговорното и стручно работење за кое тој говореше постојано во изминатиот период, дали ова се стручните и одговорните и стручни кадри кои тој ги постави, а за кои тврдеше дека работат согласно законите, дали склучувањето договори кои се спротивни на законските прописи е законско работење за кое тој наводно се залагаше, дали менувањето на Комисијата на сред постапка за јавна набавка е стручноста и одговорноста која тој постојано ја нагласува, додаде Чулев.
Одговарајќи на новинарско прашање посочи „фирмата одредбите од договорот ги исполнила во првичниот дел, меѓутоа од наша страна е многу надминат износот, фирмата секогаш си го гледа економскиот интерес, меѓутоа ние треба да се придржуваме согласно воспоставените договори и интереси“.
Чулев одговарајќи на новинарско прашање рече дека со цел надминување на недостигот во издавање на лични карти и возачки дозволи пролонгирано е работното време на служби во Одделението за управни работи Скопје и дисперзираните канцеларии Беко и Ѓорче Петров. Тие ќе работат во две смени од 7:30 до 15:30 часот и од 13 часот до 21:30 часот вклучително и сабота се до одржувањето на парламентарните избори.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, која вчера беше во посета на СВР Тетово, оцени дека министерот за внатрешни работи е тој што треба да го реши проблемот со пасошите, а ако не знае, рече, треба да побара совет.
– Жалам што министерот не сака да ги презентира сите докази, тој е министер не да изнесува жалби туку да ги решавам проблемите на граѓаните. А ако не знае како, нека побара совет ние сме подготвени да му помогнеме. Службите веќе го информираа дека е можно да се појави проблем со издавањето на патните исправи. Го повикавме министерот најбрзо што може да донесе одлука со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните, рече Петровска.
Таа посочи дека иако е период на изборите не смее да се наруши легитимно право на граѓаните да имаат свои патни исправи.
-Не смееме да им го скратиме правото по ниту еден случај, очекувам од него брза реакција и одговор за надминување на овој проблем. Во однос на личните карти тие се издаваат редовно и без застој. Одговорност мора да има затоа што издавањето на патни исправи за граѓаните треба да биде и е една од надлежностите на ова министерство. Јас апелирам да се најдат решение најбрзо што може. Министерот го има тоа како овластување. Наместо да се занимаваме со некои споредни работи треба да излеземе во пресрет на барања на граѓаните, рече Петровска.
На тврдењата на Чулев вчера реагираше и владејачката СДСМ, укажувајќи дека опозициската ВМРО-ДМПНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски преку нивните неспособни кадри со невистини обвинуваат за злоупотреби и ги заплашуваат граѓаните
-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски преку техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев шират лаги за наводни злоупотреби и ги плашат граѓаните дека има застој во издавањето на лични документи. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ и нивните кадри во техничката влада не ја разбираат својата улога, дека се таму да ги решаваат проблемите на граѓаните, а не да изнесуваат жалби и лажни, конструирани обвинувања. Додека СДСМ имаше министер за внатрешни работи немаше никакви проблеми ниту со пасоши, ниту со лични карти, и ВМРО-ДПМНЕ, ако не знае како да го реши проблемот, може слободно да побара помош од СДСМ, наведе СДСМ.цр/са/