Утрински Весник
Македонија

Османи и Димитров во Париз ќе го слушнат францускиот став за новата методологија

Османи и Димитров во Париз ќе го слушнат францускиот став за новата методологија

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се во Париз на разговори за европерспективите на Северна Македонија и новата методологија за проширување на ЕУ.

Османи и Димитров, според најавата од Секретаријатот за европски прашања, треба да имаат средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон.

Планирано се средби и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Во фокусот на разговорите ќе бидат европските интеграции на Република Северна Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес, велат од СЕП.

Посетата на Париз на Османи и Димитров се случува во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори. сст/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Маж со огнено оружје пукал кон основнo училиште во Виница

Украинка со автомобил удрила пешак во Битола

Акциска контрола во угостителски објекти во гостиварско, затекнати 14 странски државјанки