Утрински Весник
Свет

Рекорден дневен број на починати во Германија, од полноќ на сила стапуваат строгите мерки

Рекорден дневен број на починати во Германија, од полноќ на сила стапуваат строгите мерки

Во Германија денеска е забележана рекордна дневна бројка на починати како последница на коронавирусот, додека земјата влегува во целосно затворање во обид да се ограничи вториот бран на пандемијата.

Институтот Роберт Кох, националната агенција за контрола на болести, објави дека 952 лица кои биле заразени со коронавирус починале во последните 24 часа. Претходниот најголем дневен број на починати беше забележан во петокот, кога беа регистрирани 598 смртни случаи.

Според извештајот на Институтот, во последните 24 часа регистрирани се и 27.728 новозаразени. Во Германија вкупно 1,4 милиони луѓе досега се заразиле со коронавирус, а починале 23.400 лица.

Од денеска земјата воведува построги мерки на затворање откако делумното затворање, воведено на почетокот на ноември, не успеа да го запре растечкиот тренд на инфекции.

Според новите мерки, повеќето продавници ќе бидат затворени, освен оние за најважни производи, а тоа ќе трае најмалку до 10 јануари. Од денес, училиштата главно се затвораат и преминуваат кон системот на далечинско учење.

На сила е ограничување на собирања, со најмногу пет лица од две различни домаќинства. Ова правило ќе биде релаксирано од 24 до 26 декември за да им се овозможи на блиските семејства заедно да го слават Божиќ.

На рестораните им е дозволено да нудат храна за носење, но забрането е точење алкохол на јавни места, со што се укинуваат популарните импровизирани штандови за греено вино.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган

Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија