Претставничкиот дом на САД достави до Сенатот резолуција за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп, се вели во пренос на веб-страницата на Долниот дом на Конгресот, пренесува ТАСС.
Ситуацијата е без преседан, бидејќи за првпат во историјата на земјата претседател (кој сега се повлече) е двапати предмет на постапка за импичмент. Трамп е обвинет за намерно поттикнување насилство против владата на САД, а процесот на импичмент треба да започне по 8 февруари.
За време на судењето, случајот ќе го водат менаџери за импичмент на Претставничкиот дом, а сенаторите ќе бидат поротници. Со судењето ќе раководи сенаторот Патрик Лихи од Вермонт.
Американскиот претседател Џо Бајден го поддржа потегот, велејќи за Си-ен-ен:
„Мислам дека ова мора да се случи“.
Сепак, тој изрази сомнеж дека приврзаниците на оваа постапка ќе обезбедат доволно гласови (67). Бајден не верува дека 17 републикански сенатори би гласале за осуда на Трамп.
„Сенатот се смени откако јас бев таму, но не се смени толку многу“, рече Бајден.
Претставничкиот дом на САД, контролиран од демократите, на 13 јануари го одобри текстот на резолуција за импичмент на Трамп, обвинувајќи го за поттикнување бунт. Во резолуцијата се вели дека Трамп покажал дека ќе остане закана за националната безбедност, демократијата и за Уставот ако му биде дозволено да остане на функцијата“.
Демократите го иницираа првото судење за импичмент на Трамп во 2019 година, но тој обид не успеа. Новиот обид за импичмент беше инициран поради изјавите на Трамп на 6 јануари кога неговите приврзаници упаднаа во зградата на Капитол во Вашингтон да ги запрат пратениците официјално да ги потврдат резултатите од претседателските избори во ноември. Ова беше последен обид да се спречи демократот Џо Бајден да стане нов претседател.