Зелената партија ја повикува Регулаторната комисија за енергетика да ја преиспита одлуката и да не дозволи покачување на цената на струјата за домаќинствата.
Од ДОМ велат дека во време на корона криза кога граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми, поскапувањето на струјата ќе предизвика дополнително оптеретување на нивниот домашен буџет.
„Потребно е ЕСМ и МЕПСО да ги намалат оперативните трошоци на работењето, а ЕВН како универзален снабдувач да ја намали маржата на профит, за да се добие поевтина електрична енергија што ќе рефлектира со пониски сметки за струја. ЕСМ мора интензивно да инвестира во обновливи извори на енергија за во иднина да биде конкурентен на пазарот“, предлага партијата.
Тие се децидни дека зголеменото искористување на обновливите енергии, пред се од сонцето, за производство на електрична енергија од страна на домаќинствата и компаниите, како и зголемената енергетска ефикасност на објектите, ќе овозможи пониски цени на струја, намалување на загадувањето и климатските промени.
ДОМ инсистира на подобрување на регулативата за поставување фотоволтаици во домаќинствата и компаниите, без ограничување на инсталираната моќност и субвенции за поставување фотоволтаици и енергетска ефикасност на домовите.
Вчера Регулаторната комисија соопшти дека цената на електричната енергија се зголемува за 7,4 отсто.