Утрински Весник
Македонија

Регистарот на професионални онлајн медиуми достапен на www.promedia.mk

Регистарот на професионални онлајн медиуми достапен на www.promedia.mk
Скопје, 6 март 2020 (МИА) –  Веб-страницата на којашто се достапни податоци за професионалните онлајн медиуми www.promedia.mk од денеска е функционална и достапна за јавноста, информираа  Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за eтика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Регистарот моментно го сочинуваат 101 онлајн медиум, кои објавуваат содржини на повеќе јазици.

Од ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека главни критериуми кои треба да ги исполнат онлајн медиумите за да станат дел од Регистарот се: транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права.

– Главната цел за креирањето на овој Регистар е да придонесе да се поттикне процесот на професионализација во работењето на онлајн медиумите, а со тоа и подобрување на нивниот кредибилитет, како и препознавање на оние кои ги почитуваат стандардите наспроти неетичките кои го нарушуваат угледот на професионалните онлајн медиуми, истакнуваат ЗНМ и СЕММ.

Постапката на креирање на Регистарот се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката на развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и медиумската и бизнис заедницата во државата. Освен тоа, потсетуваат од ЗНМ и СЕММ; процесот на саморегулација го поддржа и Стопанската комора на Македонија, којашто упати апел до своите членки за рекламирање и огласување само во онлајн медиумите кои се дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми. Процесот го поздрави Делегацијата на ЕУ во Скопје, канцеларијата на ОБСЕ во Виена, Американската амбасада во Скопје, како и од Европската федерација на новинари.

Саморегулацијата на медиумите продолжува да биде заедничка заложба на нашите организации за доброволно воспоставување критериуми и придржување до нив во рамките на процес кој е отворен за јавноста, потенцираат ЗНМ и СЕММ.

Потсетуваат дека членството во Регистарот на онлајн медиумите е менливо и е процес кој тековно ќе се развива. Тоа подразбира дека медиумите кои во моментот не се дел од Регистарот, а ги почитуваат условите за членство ќе може да се придружат додека, пак, оние кои веќе се дел од Регистарот, а се потврди дека не ги почитуваат критериумите за членство и етичките правила нема да имаат статус на активни членови.лв/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

На регионот, како и на Македонија и се закануваат локални поројни поплави: Од вечерва, па и во текот на наредната недела силни врнежи, грмежи и временски непогоди

Нападната судијката Кацарска во кафе бар во Скопје

Ердоган: Споровите околу изворите на вода предизвикуваат конфликти низ светот