Утрински Весник
Македонија

Регионална конференција во Битола за погранична соработка и зближување на младите

Регионална конференција во Битола за погранична соработка и зближување на младите

Битола, 23 февруари 2020 (МИА) – Сојузот на здруженијата на Македонците и деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Македонска Алијанса за европска интеграција која работи во соседна Албанија, во Битола одржаа регионална конференција фокусирана на пограничната соработка и зближување на младите.

Според Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција и пратеник во Собранието на Република Албанија, важно е да се соработува на културен план и да се понудат идеи за младинска соработка меѓу македонците од двете страни на границата.

-Треба да организираме и реализираме активности за младите Македонци во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и други места каде што живеат Македонци. Ние како парламентарна партија во албанското собрание се обидуваме да ги анимираме сите проблеми со кои се соочуваат Македонците во Албанија. За жал Македонците и понатаму живеат во најсиромашните региони во Албанија, запоставени од државата и тоа треба да се промени со инвестиции во тие региони, истакна Стерјовски.

На регионалната конференција во Битола, македонскиот пратеник во албанскиот Парламент посочи дека во текот на годината посебно ангажирано ќе се вклучат во пописот на населението што ќе се организира во соседна Албанија.

-Оваа година за нас е многу важна бидејќи во Република Албанија ќе се врши попис на населението и во таа смисла очекуваме поддршка од сите македонски здруженија и државата, за да се намали засилениот притисок од бугарската пропаганда која настојува вештачки да прикаже постоење на бугарско малцинство. Во оваа наша борба очекуваме институционална поддршка и соработка меѓу двете соседни држави затоа што Република Албанија ги признава Македонците и македонското малцинство во делот на Преспа и Врник, но тоа треба да се прошири и во делот на Голо Брдо и Гора, односно на делот на целата територија на Република Албанија. Бугарската пропаганда ја користи сиромаштијата на Македонците и младите ги злоупотребуваат со организирање на бесплатни екскурзии во Бугарија, им нудат бесплатно образование, студирање и докторирање, а подолго време им се нудат пасоши со кои заминуваат на работа во државите низ Европа, посочи Стерјовски.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Александар Јаневски и претседателот на Македонска Алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски во Битола потпишаа Меморандум за продлабочување на соработката меѓу Македонците од двете страни на границата со акцент за зближување на младите. мт/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ердоган: Споровите околу изворите на вода предизвикуваат конфликти низ светот

Ставот за прегласувањетo ДУИ ќе го формира со коалициските партнери од Европски фронт

Ахмети: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прават се за да добијат двајца пратеници од Фронтот, но ние ќе ги обелодениме сите детали од тајните договори