Утрински Весник
Македонија

Ревизорите бараат конкретни правила наместо интерни акти за партиските членарини

Ревизорите бараат конкретни правила наместо интерни акти за партиските членарини

Државните ревизори бараат да се изедначат правилата при уплатата на членарината кај политичките партии бидејќи начинот на уплата сега е регулиран со интерни акти кои се разликуваат кај одделните партии.

Ова е препораката на ревизорите од Државниот завод за ревизија во извештаите објавени по контролата на сметките за редовно работење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ,  ДУИ и БЕСА. Во четирите извештаи се вели дека новите насоки се потребни заради потребата од воедначено постапување кај сите политички субјекти.

„Надлежните органи да донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината кај политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно“, се вели во извештаите.

Ревизорите укажуваат и дека е потребно поконкретно регулирање и на начинот на пренос на средствата од членарината од сметката за редовно работење на сметката на одредена изборна кампања.

Тие додаваат дека согласно Законот за финансирање на политичките партии, членарината е предвидена како дел од приватните извори на финансирање и дека постои ограничување износот на годишно ниво да не биде поголем од една просечна плата.

„Приходите од членарина кај дел од партиите се регулирани со интерни акти каде се пропишани висината на членарината, начинот на плаќање и уплата, како и начинот на нивно евидентирање кои се разликуваат кај одделните партии“, се укажува во извештајот.

На ваквите забелешки од ревизорите, реагирале единствено од СДСМ од каде меѓу другото велат дека донеле повеќе одлуки и правилници со кои се допрецизира прибирањето на членарина согласно Законот за финансирање на политичките партии.

Оттаму потенцираат дека согласно правилниците, членарината не може да биде повисока од една просечна плата на годишно ниво, дека одговорните лица во партијата редовно известуваат за висината на членарината за секој поединичен член и дека тоа се евидентира во сметководната евиденција.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?