Скопје, 15 мај 2020
Уставниот суд на 14-та седница одржана на 14.5.2020 година донесе одлука за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ваквата одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на Законот, во која беше наведено дека оспорениот закон бил донесен спротивно на чл. 75 од Уставот на Република Северна Македонија, односно не било обезбедено потребното уставно мнозинство за повторно изгласување на Законот. Имено, Законот на 11.3.2019 година беше усвоен со вкупно 51 глас од вкупниот број на пратеници. Вака усвоениот Закон беше доставен до тогашниот претседател, Ѓорѓе Иванов за потпишување на указот, но бидејќи истиот не беше потпишан од претседателот поради името, повторно беше вратен во Собранието. Оспорениот Закон беше ставен повторно на дневен ред на 16.5.2019 година и врз основа на член 75 од Уставот Собранието повторно го разгледуваше. Законот истиот ден беше изгласан со 55 гласа, со што Законот се усвои без потребното уставно мнозинство од 61 глас.
Собранието на Република Северна Македонија со необезбедувањето на потребното уставно мнозинство за изгласување и усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација уште еднаш потврди дека потребите на најранливите и најмаргинализираните категории граѓани не се важни, нити вредни за заштита. Одговорноста за пропустите во постапката ја лоцираме кај Собранието, особено владеачкото мнозинство чија предизборна кампања се засноваше на идејата за еднаквост, претседателот на Собранието, Талат Џафери и претстедателот на РСМ, Стево Пендаровски, кои знаеле или морале да знаат дека законот треба да се изгласа со 61 глас.
Потсетуваме дека иако реформирањето и подобрувањето на легислативата и системот за спречување и заштита од дискриминација беа предизборно ветување на власта и владеачкото мнозинство, Законот за спречување и заштита од дискриминација беше заглавен во собраниска процедура повеќе од 10 месеци, пред да биде ставен на гласање. Од денот на второто изгласување и усвојување на Законот од страна на Собранието до укинувањето на истиот од страна на Уставниот суд, помина една година во која не беше формирана Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, иако Собранието имаше законска обврска да го избере составот на Комисијата и со тоа да овозможи спроведување на Законот и функционалност на клучниот орган за унапредување на еднаквоста на граѓаните. Несериозниот и незаинтересираниот пристап на Собранието во целиот процес на изгласување и усвојување на Законот , како и недостатокот на политичка волја за негово спроведување и избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека на властите не им се важни човековите права и еднаквоста на граѓаните, особено маргинализираните групи како Ромите, ЛГБТИ, луѓето со попреченост, жените, сиромашните граѓани и сите останати кои преживуваат на маргините.
Граѓанскиот сектор веќе 10 години се застапува за донесувањето на укинатиот Закон, преку бројни кампањи, експертски извештаи и препораки, застапување и средби со сите политички партии, протести и прес конференции. Меѓународната јавност и Европската Комисија во бројни наврати бараа донесување на Законот и воспоставување на ефикасен систем за заштита од дискриминација. Бројните уверувања и ветувања повторно резултираа со пораз на грбот на најранливите граѓани за кои овој Закон е суштествен.
Бараме веднаш по спроведувањето на најавените парламентарни избори и изборот на новиот парламентарен состав, без разлика на тоа која коалиција ќе го формира парламентарното мнозинство, Законот за спречување и заштита од дискриминација да се најде меѓу првите точки на дневниот ред на Собранието. Бараме да се обезбеди потребното парламентарно мнозинство за изгласување и усвојување на овој Закон, а веднаш потоа и да се спроведе постапката за избор на нови комисионери во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со цел граѓаните конечно да добијат подобра, постручна и поефикасна заштита на нивните основни права и слободи.
Мрежа за заштита од дискриминација и Блупринт група за реформи во правосусдството
______________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.