„Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните“, се вели меѓудругото во реакцијата од Народна банка на прес конференцијата што денеска ја организираше бизнисменот.
Оттаму посочуваат дека „за Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни“.
„Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции. Последна во низата вакви оценки е одлуката на Европската комисија на крајот од минатата година дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е според стандардите на Европската Унија, со што Европската комисија ја вклучи нашата земја на листата на само 26 земји во светот кои ги спроведуваат овие стандарди“, се вели во соопштението.
„Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па сè до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем“, велат оттаму.