Утрински Весник
Култура

Распишан четвртиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2022

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распишуваат четвртиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2022 година.

На изборот можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори – кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во „Word“ или во ПДФ-формат) на следната е-пошта: pegaz@arslamina.com. Конкурсот ќе биде отворен до први септември 2022 година.

Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна до крајот на 2022 година.

Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и треторангираните романи. Наградите ќе бидат врачени на посебна свеченост.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

На минатогодишното, трето издание на наградата „Пегаз“, пристигнаа 44 ракописи, а првото место го освои романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. Наградата му беше врачена на неодамнешната свеченост во Младинскиот културен центар.

Текстот Распишан четвртиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2022 е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“