Битола, 10 март 2020 (МИА) – Дулието во Битола е една од најфреквентните локации во градот, сообраќаен влез со кружен тек што на запад ги насочува патниците кон центарот на градот, а може да се патува и до Пелистер, на југ насочува кон Ат-пазар и Старата чаршија, а може да ве одвезе и кон грчка граница за Лерин, додека на исток насочува кон градската индустриска зона, а по Новачки пат и до Мариово. Се разбира, оваа сообраќајна ориентација служи ако кон Дулието до кружниот тек се приближувате од север, по булеварот од Прилеп за Битола.
Дулието е првиот контакт со градот, место на кое некогаш и долги години се наплаќала такса (дулија) за сите што внесувале производи за продажба на пазарите што биле во непосредна близина на дулието или градскиот пазар, Ат-пазар, Сточен пазар и други. Но, денес сликата за тој дел на градот е значително променета и се чини е најдоброто место за ракување и добредојде во Битола.
Локалната самоуправа одлучи да го промени, да го осовремени и да го модернизира влезот во Битола кај месноста Дулие со редизајнирање на кружниот тек, сега веќе наречен „Кругот на јарболите“, а по завршениот јавен повик за идејни решенија и донесената одлука избран е проектот „Ракување“ на младите архитекти Дејан Томски и Мила Рориќ.
Според авторите, појдовната идеја на архитектонското решение за „Кругот на јарболите“ е гестот на ракување, пријателски поздрав, порака за добредојде за секој посетител на Битола, затоа што овој кружен тек се наоѓа на Дулие, влезот во градското јадро на Битола. Идејното решение содржи јарболи со знамињата на државите што имаат конзулат во овој град.
– Самите конзулати претставуваат знак на пријателство меѓу народите, а ракувањето како гест на пријателство има повеќезначна симболика во дизајнирањето на просторот. Јарболите ќе бидат поставени по ободот на две елиптични форми, кои претставуваат стилизирани раце што се поздравуваат. Вториот аспект при обликувањето е вертикалното издигнување, кое алудира на планината Баба како важна географска карактеристика и симбол на градот Битола. Со ритмичко повторување на вертикални елементи – столбови се добива една транспарентна структура, која ги обединува аспектите на репрезентативност, симболика и функција. Кон главниот пристап од булеварскиот влез во градот истакната е порака за добредојде во Битола, а кон внатрешноста на структурата предвидени се декоративни подни фонтани – гејзери и зеленило, појаснуваат авторите на проектот.
На кружниот тек ќе се веат знамињата на постојните конзулати и централно – државното, македонското знаме. Дизајнот овозможува во иднина при зголемување на бројот на конзуларни претставништва нивните знамиња да се додадат на постојните вертикални елементи, без визуелно да го променат или да го оптоварат постојното архитектонско решение. Елипсовидните форми со јарболи се поставени на начин на кој визуелно не се попречува автомобилскиот сообраќај.
– Елипсите ќе се изработат од периметрално поставени столбови со правоаголен попречен пресек, анкерувани во армиранобетонска темелна лента. Подножјето на столбовите ќе се постави под агол од 75 степени, а од средината на столбовите тие ќе продолжат нормално на подлогата. Столбовите се предвидени со различна висина, и тоа од 100 до 700 сантиметри. Во означените столбови ќе се постават јарболи со знамиња од државите со конзуларно претставништво во Битола и тие ќе се поврзат со шрафење во јарболот и металниот столб, се нагласува во проектното образложение на младите автори.
Кружниот тек ќе изобилува со тревни површини и зеленило, лесни за одржување и уредување. Над темелните ленти ќе се изработи армиранобетонска плоча со соодветна водоотпорност во која е предвидена електрична инсталација за светилки и водоводна инсталација за 6 распрскувачи (гејзери) позиционирани на краевите од елипсите. Во централниот дел предвидено е поставување зимзелени садници со среден раст од типот „Thuja occidentalis Smaragd“. Пред туите предвидено е да се постават листопадни садници со црвени лисја од типот „Nana Berberis – Thunbergi Atropurpurea“. По периметарот на тревната површина ќе има зимзелени садници со низок раст и топчест облик од типот „Thuja occidentalis – Danica“ или слични.
– Сакавме и им дадовме шанса на младите да ги реализираат своите идеи токму во местото каде што живеат. Квалитетот и вредноста на јавниот повик е во тоа што им овозможивме на граѓаните да се вложат, да се внесат со идеја за тоа како треба да изгледа нивниот град и тука нема да застанеме. Наградениот проект ќе го реализираме и ќе биде стварност, најави Наташа Петровска, градоначалничка на Битола.
Според архитектите Томски и Рориќ, со предложеното решение булеварскиот влез во Битола ќе добие една естетски уредена урбана поента како прв впечаток за секој посетител.
Марјан Танушевски