Утрински Весник
Свет

Протокол на руската команда во случај на нуклеарен напад: Клучевите се кај Путин

Протокол на руската команда во случај на нуклеарен напад: Клучевите се кај Путин

Рускиот претседател Владимир Путин за време на викендот изјави дека нуклеарните сили на неговата земја треба да бидат во фаза на готвност, што, според „Ројтерс“, предизвика загриженост дека рускиот напад врз Украина може да доведе до нуклеарна ескалација.

Британската новинска агенција објасни како изгледа синџирот на команда во случај на нуклеарен напад.

Во документ од 2020 година „Основни принципи на државната политика на Руската Федерација за нуклеарно одвраќање“ се наведува дека рускиот претседател одлучува за употреба на нуклеарно оружје.

Една мала торба, наречена Чегет, е секогаш блиску до претседателот, што го поврзува со командата на нуклеарните сили.

Чегет нема копче за нуклеарно лансирање, но наредбите на претседателот ги пренесува до централната воена команда – Генералштабот.

Руските генерали имаат пристап до шифрите за лансирање и имаат два метода за лансирање нуклеарни боеви глави.

Тие можат да испраќаат кодови поединечно до командантите, кои би ја извршиле наредбата.

Постои и резервен систем, „Периметар“, кој му овозможува на Генералштабот директно да лансира нуклеарни ракети и со тоа да ги заобиколи сите процедури.

Документот од 2020 година претставува четири сценарија кои би можеле да ја оправдаат употребата на руско нуклеарно оружје.

Едно сценарио е ако се користи оружје за масовно уништување против Русија или нејзините сојузници.

Друго сценарио е доколку се утврди дека балистички ракети летаат кон Русија или нејзините сојузници.

Третото сценарио е напад врз клучна владина или воена институција, што би ги поткопало дејствата за одговор на нуклеарните сили на земјата.

На крајот, можен е напад со нуклеарно оружје во случај на употреба на конвенционално оружје против Русија кога е во опасност, како што се вели, само постоењето на државата.

Според Здружението на американски научници, Русија има 5.977 нуклеарни боеви глави, најмногу во светот.

Од тој број, 1.588 се распоредени и подготвени за употреба, а може да се пука од земја, од подморници и авиони.

До денес, единствената употреба на нуклеарно оружје за време на војна се случи кога американските атомски бомби беа фрлени врз Хирошима и Нагасаки за време на Втората светска војна, во 1945 година.

Можете да прочитате

Ирска: Започна ископување на масовна гробница со останки од 800 бебиња

Силен земјотрес од 6,9 степени ја погоди областа Танимбар во Индонезија

Макрон пред Денот на Бастилја: Слободата никогаш не била толку загрозена како сега