При вчерашниот претрес по налог на Јавното обвинителство во стан во Скопје на поранешниот премиер Никола Груевски, пронајдено е и одземно оружје, дознава „Слободен печат“ од извори во Обвинителството.
Станува збор за 4 пиштоли за кои Груевски немал дозвола по што тие се подигнати и ќе бидат предмет на натамошна истрага, дознава „Слободен печат“.
Според шефицата на јавното обвинителство Вилма Русковска, вчера полицијата и обвинителството извршија претрес во објектите за кои дополнително се обезбедени материјални и вербални докази дека се сопственост на Никола Груевски.
Јавното обвинителство на РСМ вчера кратко соопшти дека по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција извршиле претрес во повеќе објекти. „Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“.
Не е прецизирано за колку објекти станува збор, но неофицијално се работи за 4 станови, два на улицата „Бихаќка“, на име на Надежда Груевска како и еден во Капиштец и еден во Аеродром.
Истрагата ја води обвинителката Лиле Стефановска во рамки на случајот „Плацеви на Водно“ во кој екс премиерот Груевски е првоосомничен дека со пари кои во партијата ВМРО-ДПМНЕ се слевале од членството, купувал плацеви на Водно, преку фирмата на неговиот поранешен кум Ристо Новачевски кој е третоосомничен во овој случај. Истрагата за перење на пари ги товари и Сашо Мијалков и Орце Камчев како второ и четвртоосомничени, поради што пред две недели во притвор се најде и богатиот бизнисмен. Неговата мајка Ратка Камчева е исто така меѓу осомничените во случајот.
Груевски кој последниве две и пол години ужива азил во Будимпешта преку Фејсбук го негираше постоењето на имотот кој овие денови е предмет на обемна истрага.
Вчера во исто време полицијата и обвинителството извршија претрес и во објект сопственост на екс министерот за транспорт Миле Јанакиески.