Вечерва со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на четвртиот роман на Фросина Пармаковска насловен „На враќање“.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.
Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Преведен е на бугарски и на украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Во 2018 година, на Саемот на книга, го добива признанието за најуспешен домашен автор што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Неодамна излезе нејзиниот четврти роман „На враќање“, во издание на Или Или. Имала бројни претставувања на домашни и меѓународни настани.