Вечерва, со почеток во 20 часот, во фоајето на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе се одржи промоција на збирката поезија „Дождови“ од Сузана Божиновска.
Промотор на збирката е Христина Алексовска, музички гостин Ерди Шахини и водител Ана Љубиќ.
Сузана Божиновска е родена во Куманово, каде што и денес работи и живее. Таа е сопруга и мајка и со целото свое битие посветена токму на оваа функција. А за пишувањето, како што и самата вели: „Не сум писател. Не сум некој што некаде е запишан како писател. Ниту, пак, некој што во некои документи ќе го пронајдете како писател. Јас сум некој што дозволува листот и пенкалото да ја читаат мојата душа“.
Нејзината поезијата изобилува од експресивни поетски слики со одмерено нијансиран дискурс. На еден суптилен, префинет, па на моменти и нежен начин, капките дожд паѓаат по „Надеж“, „Чекање“, „Прашање“, „Виножито“ .
Поетскиот поглед плени низ стиховите овозможувајќи внатрешно емотивно ослободување од секојдневните стеги: „Тешко е“, „Можеш“, „Чекање“, „Копнеж“, „Дождот“.
„Дождот може да паѓа со денови.
Денови можат да траат долго.
Долгото може да изгледа вечно.
Но, колку и да е долго, колку и да изгледа вечно, еден ден ќе престане.
Но, што да правиме
со дождот во нас.“
Текстот Промоција на збирката поезија „Дождови“ од Сузана Божиновска е превземен од МАКФАКС.