Утрински Весник
Култура

Проекцијата на концертот на Влатко Стефановски го отвара циклусот Концерти во Кинотека

Проекцијата на концертот на Влатко Стефановски го отвара циклусот Концерти во Кинотека

Овој четврток во Кинотека, на летната сцена „Мирно лето“, во 20.30 часот, со проекција на концертот на Влатко Стефановски во загребски „Лисински“ започнува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

Додека животот во времето на светска пандемија полека се враќа во нормала, а концертната сезона полека заживува, Кинотека и „Croatia Records“ им подаруваат на скопјани, и на сите кои ова лето го поминуваат во градот, нешто проверено, убаво и ексклузивно.

Имено, од 1 јули, па секој следен четврток во седмиот месец тековната година, ќе биде прикажан по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот одговараат на местото и на времето.

Циклусот го отвора концертот „Влатко Стефановски – Live at Lisinski“, од 17 април 2018 година, кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“. Таа волшебна вечер гостите на Влатко беа „Љубојна“, Хојсак & Новосел и единствената музичка дива а овие простори – Јосипа Лисац.

Овој концерт, кој беше отиснат на современиот медиум Blu Ray ја има историска важност – ова е прво Blu Ray издание на некој македонски музичар.

Изданието, чија проекција ќе је проследат љубителите на музиката, врвното аудио-визуелно доживување, содржи 18 песни и трае без малку два часа (1:55:34).

Започнува со култната „Абер дојде, Донке“ од репертоарот на „Леб и сол“, а завршува со уште една музичка антологија – „Скопје“. Во концертниот репертоар на Влатко таа вечер во „Лисински“ беа и: „Македонско девојче“, „Успаванка за Радмилу М“, „Верба, надеж, љубов“, „Бистра вода“, „Чукни во дрво“, „Чувам ноќ од будних“…

Во традиционалните „Елено ќерко“ и „Кољо“, гости на Влатко се „Љубојна“, додека во „Gipsy song“ и „Калајџиско оро“ таа чест да му гостуваат на еден од најголемите гитаристи на овие простори, ја имаа Хојсак & Новосел.

Јосипа Лисац на овој концерт, како специјална гостинка настапи во безвременската „Јано мори“…

 

Доколку на 1-ви јули заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа, а влезницата е повеќе од симболична – 100 денари. Стартот на проекцијата е во 20.30 часот.

Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на „Croatia Records“, и да купат нешто на штандот на „Zec Electronic“, дистрибутер за Македонија.

Текстот Проекцијата на концертот на Влатко Стефановски го отвара циклусот Концерти во Кинотека е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“