Утрински Весник
Македонија

Проектот „Велоштад“ е прогласен за најкреативен велопаркинг

Проектот „Велоштад“ е прогласен за најкреативен велопаркинг

Проектот „Велоштад“ на Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е избран како најкреативен дизајн на велосипедски паркинг кој ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Овој предлог е еден од предлозите на 11 тимови учесници на јавниот повик кој го објави Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб. Целта на Вело паркингот е да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт.

„Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“, изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение.

Целта на „Велоштад“ е создавање нова вело локација во градот, а со проектот покрај паркирање, предвидено е овој плоштад да нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

Имено, креаторите на „Велоштад“ се наградени со ваучер од 700 евра и нивното решение ќе помине во фаза на изведба. Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.

Второто место го освоија Тамара Џерков и Анастасија Ристеска кои со нивното решение понудија поиновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.

Ова решение нуди: Можност велосипедот да се заклучува на повеќе места​, Заштита од временски услови при подолго паркирање​, Воспоставување контакт со зеленило​, Создавање на простор за социјализација и одмор​, Користење на обновнливи извори на енергија и поставување на првата charging station во Скопје​.

Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.

 

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува SmartUp – Social Innovation Lab, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија