Гевгелија, 8 мај 2020 (МИА) – Општина Гевгелија оцени дека веќе се создадени услови да пролжи реализацијата на започнатите инфраструктурни проекти кои беа запрени од пандемијата со коронавирусот, потврди денеска градоначалникот Сашо Поцков.
Покрај почеток на ревитализацијата на патот Богородица – Стојаково, тој најави дека предвидена е акција за довршување на сите почнати и реконструкција на повеќе улици во градот и населените места, со што ќе се обезбедат подобри услови и сигурност во сообраќајот.
– Околу донациите, сакам да нагласам дека Техничкиот секретаријат на ИПА-програмата за прекугранична соработка, со седиште во Солун, одобри дополнителни 62.000 евра за доизградба на влезниот дел од регулацијата на коритото на Сува Река, каде што досега се реализирани 80 отсто од планираните работи од основниот проект, рече Поцков.
Градоначалникот најави за од почетокот на јуни продолжување на работите за санација и ревитализацијата на старата дива депонија и создавање предуслови за конечен старт на современата времена депонија за комунален отпад и дека до крајот на годината очекува да почнат подготвителните работи за иградба на пречистителна станица во Смоквица за која од Министерството за транспорт и врски биле обезбедени 570.000 евра. им/хс/